| четврток, 6 декември 2018 |

Новите мерки ќе вработат значителен број луѓе

невработеностОхрабрени од одличните резултати на мерката за активно вработување на млади до 29-годишна возраст со ослободување од плаќање придонеси и размислувајќи како да го зголемиме ефектот дојдовме до констатација дека е потребна поголема палета ваков вид мерки за различни возрасни и социјални категории и ранливи групи.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на пратеничко прашање на денешната седница на Собранието на Република Македонија посветена на пратенички прашања, пренесува МИА.

– Ако со една поскромна мерка за ослободување од плаќање придонеси „еден плус еден“ имавме 7.400 вработувања за неполна година со новата палета мерки очекуваме да се вработат позначителен број невработени, рече Груевски.

Тој посочи дека првата група се проширува и наместо како досега до 29-годишна возраст ќе биде до 35 години и за нив ќе важи ослободување од плаќање придонеси и персонален данок на доход три години со обврска работодавачот да го задржи вработениот најмалку уште една година.

– Цврсто веруваме дека тоа ќе даде уште поголеми разултати и дека бројот на нововработени ќе се зголеми. Во сите мерки и во законот ќе има механизми за безбедност од манипулации за да се спречи некој да отпушти вработени со цел да вработи нови за кои ќе биде ослободен од плаќање придонеси или персонален данок на доход, рече премиерот Груевски.

Тој нагласи дека со мерката за активно вработување на млади лица до 29-годишна возраст за 11 месеци се вработија вкупно 7.400 лица.

– Втората група ќе биде од 35 до 50 години возраст и ќе се овозможи за оние кои повеќе од 10 години немаат работа, а ги има такви над 40.000, доколку некој ги вработи да биде ослободен од плаќање придонеси за пензиско, здравствено и за вработување во привте пет години со обврска да ги задржи уште една година, посочи Груевски.

Третата група, како што рече, се лицата од 50 до 58 годишна возраст и за нив е предвидено оној што ќе ги вработи да биде ослободен од плаќање придонеси за здравствено, пензиско и за вработување во период од пет години без обврка потоа да ги задржи. Мерката важи за сите на таа возраст, како за оние кои имале врабтување во минатото, така и за оние кои немале.

– Во оваа старосна група спаѓаат и многу луѓе кои во времето на транзицијата во 90-тите години од минатиот век останаа без работа кога компаниите во Македонија, вредни над пет милијарди евра, беа распродадени по багателни цени и беа приватизирани од раководствата блиски на тогашниот естаблишмент. Тие отпуштија околу 200.000 луѓе од работа од кои голем број станаа стечајци. Сега токму тие луѓе се на оваа возраст и оваа стимулативна мерка ги таргетира токму нив, потенцира Груевски.

Четвртата група, додаде, ги таргетира луѓето повозрасни од 58 години. За нив, појасни, е предвидено оној што ќе ги вработи да биде ослободен од плаќање на придонесите за здравствено, пензиско и за вработување до нивното пензионирање, независно на која возраст ќе биде.

– Последната петта група е групата ранливи категории граѓани како што се деца израснати во домови за деца без родители и родителска грижа, инвалидизирани лица, лица со хендикеп, родители на деца со посебни потреби, професионалните војници по истекот на нивната 45-та година од животот,…. За нив е предвидено петгодишно ослободување од плаќање на придонеси за пензиско, здравствено и за вработување на оној што ќе ги вработи без обврска потоа да ги задржи, рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top