Владата прави големи подготовки за сериозна помош и обесштетување на граѓаните погодени од неодамнешните поплави, но и за санација на штетите пред сѐ на локалната патна инфрастуктура. Деновиве ќе заврши проценката на штетите од поплавите и потоа ќе се пристапи кон реализација на помошта. Ова го истакна министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во одговор на прашањето од пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе се санираат оштетените насипи на реката Црна, поставено на денешната седница на Собранието на Република Македонија посветена на пратенички прашања.
Тој посочи дека Агенцијата за државни патишта веќе почна со санација на дел од мостовите кои се на регионални патни правци и додаде дека речните корита ќе се чистат во летниот период.
– Во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и вицепремиерот Владимир Пешевски се прават последните координации за правење на акциски план за чистење на реките. Тие ќе бидат предмет на чистење во текот на летниот период, бидејќи сега кај најголем дел од реките е невозможно да се прави санација или продлабочување на коритото заради големиот водостој. Очекувам дел од активностите да бидат насочени и кон реката Црна – рече Јанакиески.
Тој додаде дека со акцискиот план ќе биде прецизирано точно на кој потег од реките ќе се интервенира во летниот период, а акцент ќе се стави на сите речни корите кои беа повеќе оштетни во текот на поплавите како што беше и случајот со реката Црна.
– Санацијата најверојатно ќе се спроведува преку Дирекцијата за заштита и спазување – прецизира Јанакиески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.