Работнички против Фени индустри е дербито на четврт-финалето од националниот куп на Македонија во кошарка, на завршниот турнир на најдобрите 8 екипи. Организатор е кошаркарската федерација на Македонија, а завршницата ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, од 28 до 31 март.
МЗТ Скопје е апсолутен фаворит против Струмица, а победникот од тој натпревар во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Работнички и Фени, кој е закажан за 28 март.
Од вториот дел на костурот, еден финалист ќе дадат, Куманово, Лирија, Вардар или Кожуф. На стартот Куманово ќе игра против Лирија, а Вардар со Кожуф.
– Не се сомневам дека овој настан ќе биде добро организиран бидејќи „Борис Трајковски“ е одличен објект, кој ќе обезбеди беспрекорни услови за сите клубови. Ждрепката сакаше најпрвин да играме со Фени, а потоа победникот од овој меч да игра со МЗТ Скопје. Тоа е потешкиот дел од костурот, но купот е такво натпреварување во кое мора да победиш три натпревари во низа за да ја оствариш крајната цел и да го освоиш трофејот. Имаме респект за сите, но не стравуваме од никого, очекувам да одиграме квалитетен меч против Фени – рече Емил Рајковиќ, тренерот на Работнички. Тој пред ангажманот кај најтрофејниот македонски клуб беше тренер на Фени и добро ги познава квалитетите на тимот од Кавадарци.
Четврт-финалните средби ќе се играат на 28 и на 29 март, со почеток во 18 часот и во 20.30 часот. Влезниците ќе чинат по 120 денари, од кои 20 денари ќе одат на сметката на Домот за деца без родители „11 октомври“. Финалниот натпревар ќе се игра в недела, во 19 часот, а цената за завршниот натпревар во купот ќе изнесува 150 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.