| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските археолози со колегите од Швајцарија, Украина и Русија ќе реакизираат проект за предисториски населби крај вода

muzej na voda

Музеј на вода – Заливот на коските, Охрид

Македонски, швајцарски, украински и руски археолози ќе реализираат меѓународен проект за предисториски населби крај вода. Европскиот проект  ќе го спроведат со поддршка на Швајцарската национална научна фондација.

Во  тек на тригодишниот меѓународен проект, македонските археолози заедно со колегите од Универзитетот од Берн и Музејот „Ермитаж“ ќе обучуваат студенти во полето на дендрохронологијата, подводната археологија и методите на ископување во мочурливи средини.

Македонските координатори на овој проект, Гоце Наумов и Валентина Тодороска, ќе обучуваат европски студенти и археолози во сферата на предисториската археологија во Македонија, а македонските студенти ќе ги насочат кон изучување и усовршување на археолошките методи во Швајцарија и Русија. Некои од младите македонски археолози ќе се запознаат и подготват за дендрохронолошките методи на датирање, а кои не се многу применети во овој регион. 

Во текот на проектот ќе се изведат повеќе предавања и работилници за неолитот и предисториските наколни населби во Македонија и Европа, а ќе биде организирана и голема меѓународна конференција во Охрид посветена на овие населби и нивното датирање.

Изборот на млади археолози кои ќе се вклучат во проектот ќе се врши преку јавен повик, со што на обука ќе се испратат оние кои имаат најдобри познавања од предвидените научни области и јасна цел како натаму да ги применат во своите истражувања. На тој начин, би се формирала помала група на млади археолози кои во иднина ќе ги ползуваат своите искуства со современите археолошки методи и ќе придонесат кон развојот на македонската археологија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top