И после неодамнешното апсење на убиецот на рускиот опозиционер Борис Немцов, тој остана во центарот на вниманието во руската јавност поради неговиот начин на живот. Руските олигарси се синоним за скапи разводи, млади жени, милиони…
Многумина ги интересира како овој руски политичар „плејбој“, како што го нарекуваат дел од медиумите, успевал да ја сочува хармонијата меѓу многубројните венчани и невенчани жени и мајки на неговите четири деца.
Една од нив, Екатерина Одинцова во интервју за руски весник вели: „Жалоста не зближи нас, неговите поранешни жени“.
Тој податок за „коегзистенција“ на поранешните официјални и неофицијални животни сопатнички на Немцов повеќе ги чудела странците отколку руските граѓани, бидејќи тука не се ретки случаите богатите луѓе да го напуштат своето семејство за да се забавуваат со помлади девојки, пишува „Вечерње новости“.
Скандалите избиваат само тогаш кога нема да се постигне договор околу поделбата на имотот и алиментацијата. Очигледно Немцов имал доволно пари за да ги задоволи барањата на поранешните жени, но и да продолжи да живее на „висока нога“.
Поради поголемиот број на жени во однос на мажи во Русија, како во ретко која друга земја, мажите се „разгалени“, па затоа за девојка која веќе наполнила повеќе од 30 години може да се слушне дека е „стара“.
Додека полициските служби се обидуваа да влезат во трага на убијците на Немцов, новинарите на жолтиот печат ги интересираше како Борис се запознал со фото моделот од Киев, Ана Дурицка, дури 32 години помлада од него. Ана работела во туристичка агенција, паралелно студирајќи на економскиот факултет. Таа е една од ретките жени на Немцов што не присуствувала на неговиот погреб.
Магазинот „Форбс“ објави дека во Русија за 2015 година најбогат човек е 54-годишниот бизнисмен Владимир Потањин. Тој лани бил во центарот на вниманието на разни таблоиди, бидејќи на крајот на февруари минатата година се развел од својата сопруга Наталија, со која има три деца, а само три месеци по разводот се оженил по вторпат со негова колешка.
И додека некои се разведуваат и постојано се присутни во таблоидите, други тоа го прават тивко и без скандали. Сопственикот на фудбалскиот клуб „Челзи“, Роман Абрамович, се вбројува во другата група. Абрамович има два брака позади себе и седум деца. Со фото моделот Дарја Жукова се запознал во 2005 година на прослава во хотелот „Хилтон“ во Барселона. До тогаш Дарја, инаку ќерка на руски олигарх, била девојка на познатиот руски тенисер Марат Сафин. Абрамович во тој момент бил оженет со поранешната стјуардеса Ирина, Со неа се развел во 2007 година, а Ирина добила половина богатство кое се проценува на 11 милијарди фунти.
За разлика од советските времиња, кога тогашните раководители ретко ги изведувале во јавност своите жени, па јавноста за нив малку знаела, сега ситуацијата е поинаква. Многумина пред две години беа шокирани од веста дека претседателот Владимир Путин се развел од својата сопруга Људмила. Сега вработените во жолтиот печат повеќе ги интересира која е новата љубов на Путин, но таа тајна строго се чува бидејќи првиот човек на Кремљ не дозволува било каква информација за неговиот живот да протече во јавност. Западните и руските медиуми и понатаму се вртат околу приказната дека новата избраничка на Путин е гимнастичарката Алина Кабајева, која има две деца.
По стапките на Путин тргна и градоначалникот на Москва Сергеј Собјањин (57) кој се разведе од својата жена Ирина Јосифовна.
Откако се разведоа Путин и Собјањин, руските водечки политичари повеќе не зборуваат како грижата за зачувување на семејството е една од главните задачи ако навистина се сака долгорочно решение на демографските проблеми кои со децении ја мачат оваа голема земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.