| четврток, 6 декември 2018 |

Фер избори за позитивен извештај

Бесими во Брисел добил јасна порака: позитивниот пролетен извештај зависи од текот на локалните избори и високото ниво на меѓуетничка толеранција

Директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Стефано Санино, и генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Пјер Вимонт, му порачале на вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими дека само со фер и со демократски локални избори Македонија може да очекува специјалниот пролетен извештај, кој Комисијата ќе го објави на 16 април, да биде позитивен.

– Санино и Вимонт упатија јавен повик Република Македонија да покаже демократски капацитет со одржување фер и демократски избори оти тоа ќе биде составен дел од извештајот на ЕК, а земјите-членки на Унијата со големо внимание ќе го проследат изборниот процес кај нас. Мошне јасна и прецизна порака ми беше упатена – успешно организирани локални избори ќе донесат позитивна слика за Република Македонија во Европската унија – изјави вицепремиерот Бесими.

Бесими доцна синоќа се сретна со Санино, а на почетокот на средбата случајно се појави и помошникот на заменик-државниот секретар на САД, Филип Рикер. Денеска, пак, заменик-претседателот на македонската влада задолжен за евроинтеграции се сретна со првиот оперативец на европската дипломатска служба.

Две главни пораки што министерот Бесими ги доби на овие средби се одржување фер и демократски избори во недела и одржување високо ниво на меѓуетнички дијалог и толеранција.

– Оваа дводневна посета на Брисел, главно, се однесува на подготовките за пролетниот извештај на Европската комисија за Република Македонија. Синоќешната средба со Санино беше посветена на приоритетите од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Комисијата. Тука станува збор за областите како слободата на информирањето, односно слобода на медиумите, изборните реформи, реформите во владеењето на правото, јавната администрација, меѓуетничките односи и реформите во функционалноста на економијата. Јас го информирав што сѐ презема нашата земја во овој период, а со цел сите овие активности да заземат место во специјалниот извештај на ЕК и да се зголеми бројот на позитивни аргументи и истиот извештај целосно да биде позитивен. Со Санино се договаравме и за средбата во рамки на ХЛАД, што на 9 април ќе се случи во Скопје со претставниците на Комисијата во финалната подготовка на извештајот за Република Македонија – информира Бесими.

Според заменик-претседателот на Владата, тема на разговор со неговите соговорници се и добрососедските односи и напредокот во однос на прашањето за името, оти овие теми ќе заземат главно место во претстојниот извештај на Комисијата.

– Она што ми беше посочено од моите соговорници е значајноста што се надмина политичката криза во Македонија, каде што нашата држава покажа капацитет дека демократските институции максимално функционираат. Останува предизвикот за подобрување на меѓуетничките односи – вели Бесими.

На прашањето дали ако изборите минат во најдобар ред можеме да очекуваме со сигурност позитивен извештај и нова, петта по ред препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со ЕУ, македонскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграциите не сака да дава прогноза.

– Пролетниот извештај очекуваме да ја покаже реалната слика за тоа што сѐ сме направиле во досегашниот период. Сигурно е дека тоа што го правиме се цени позитивно од страна на Комисијата и ние само очекуваме извештајот  да го рефлектира тоа. Најважно е до јуни да ги исполниме сите приоритети што се дефинирани во ХЛАД, но и барањата од заклучоците на декемврискиот самит на Европскиот совет во однос на давање конкретни резултати во преговорите за решавањето на спорот со името со цел Република Македонија на самитот на ЕС во јуни да добие јасна препорака кога ќе почне со преговорите за членство во ЕУ – потенцира Бесими.

Со цел промоција на македонските постигнувања во евроинтеграциите и обезбедување поддршка во овој процес од страна на земјите-членки на ЕУ, заменик-претседателот на Владата попладнево во Мисијата на Република Македонија при Унијата ќе одржи средба со дипломатите на земјите-членки во рамки на групата КОВЕБ при Советот, но и билатерални средби со официјални лица од влијателните бриселски организации.

– Има уште многу работа што ние како држава треба да ги завршиме во овој период и ние како Влада сме посветени на сите приоритети и активности што се очекуваат од нас. Затоа, многу е важно Македонија да покаже напредок во сите приоритетни области од Пристапниот дијалог на високо ниво – вели за крај вицепремиерот Бесими, кој по завршувањето на работните обврски, вечерва се враќа во Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top