| четврток, 6 декември 2018 |

Сервер: Грција ги злоупотребува разговорите во ОН како изговор да не го реши спорот за името

Сервев

По минатонеделната посета на американскиот помошник државен секретар на САД Викторија Нуланд на Атина, за време на која двете страни се фокусираа на грчката економска криза и грчкиот став кон Украина, и немаше јавни коментари за спорот за името на Република Македонија, американскиот експерт за Балканот Даниел Сервер смета дека е јасно дека во Грција нема волја да се реши ова прашање. Сервер вели дека е потребен европски ангажман, особено од германскиот канцелар Ангела Меркел.

– Мислам дека е многу јасно дека грчката влада не сака да прави компромис за да се реши спорот. Сака Македонија да не стои во името, што јас сметам дека е смешно. Луѓето треба да можат да се нарекуваат како што сакаат. Има 1.257 места во САД што го користат името Македонија и ниедно од нив нема претензии на грчка територија. И Република Македонија нема претензии на грчката територија, изјави Сервер за Македонската Телевизија, по посетата на Нуланд на Атина. Новата грчка Влада е составена од крајно левичарската партија СИРИЗА и националистичката партија Независни Грци, кои сакаат да ги запрат преговорите со Македонија и бараат зборот „Македонија” воопшто да не се спомнува во некое идно евентуално решение на спорот.

Сервер, кој беше американски пратеник на Балканот, смета дека дваесет години е предолго време да се остави прашањето отворено. Сервер, во изјава за Македонската Телевизија, вели дека Грција само ги злоупотребува разговорите во рамките на Обединетите нации како изговор за нерешавање на спорот, и поради тоа ова посредништво би требало да запре.

– Македонија нема територијални претензии врз Грција, и нема причина зошто да не се дојде до компромис што ќе и овозможи на Македонија да влезе барем во НАТО. Пресудата на Меѓународниот Суд на Правдата беше јасна и обврзувачка дека Македонија може да влезе во меѓународните организации како НАТО според Привремената спогодба, под референцата, и Грција мора да го почитува ова. Ако некој ја убеди канцеларката Меркел да посредува меѓу Македонија и Грција околу членството во Европската Унија, мислам дека таа може да го има пресудното влијание, со што Унијата би постигнала успех како во случајот со Косово и Србија – вели Сервер.

Нуланд ја посети Грција при крајот на минатата недела, при што имаше подолга средба со премиерот Алексис Ципрас. Американската дипломатка даде едно телевизиско интервју во кое се осврна, пред сè, на економската криза во Грција, советувајќи ја Владата да прифати да соработува со тројката, односно инспекциските тимови испратени од Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, да проверат дали Грција го почитува договорот за натамошното добивање донации од Европа. Нуланд воедно ѝ изрази благодарност на грчката Влада што прифатила да се постигне консензус во Европа за продолжување на санкциите против Русија. СИРИЗА првично се противеше на санкции против Русија и сакаше тие да бидат прекинати. Но, во интервјуто, Нуланд не се осврна на спорот за името.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top