Илјада години стариот кип на Буда со мумифицирани останки на будистички монах, кој беше централниот експонат на изложба во Будимпешта, бил украден пред две децении, објави во неделата кинеската државна новинска агенција Синхуа, повикувајќи се на експерти.
Врз основа на истражувањата и медиумските извештаи, експертите потврдиле дека статуата којашто до петокот беше изложена во Унгарскиот историски музеј на изложбата со наслов „Светот на мумиите“, била украдена од селото Јангчун во покраината Фуџиан во 1995 година, пишува Синхуа врз основа на податоците од кинеската национална управа за старини.
Кинеската управа ќе продолжи со истрагата во тоа село и ќе ги известува државните органи задолжени за зачувување на старините, за идентификација и барање на загубените предмети кои имаат историска и културна важност.
Статуата на Буда нејзиниот сегашен сопственик ја повлекол од изложбата во петокот. Станува збор за холандски државјанин кој ја купил во 1996 година, изјави во саботата портпаролката на унгарскиот музеј, Моника Киш-Стефан и потврдила дека сопственикот во петокот без објаснување го повлекол експонатот, што било можно според договорот за позајмување. Статуата, инаку, првично требало да биде изложена до 17-ти мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.