Шведскиот Миграциски завод ја крена максималната граница на дозволениот број лица сместени во азилантските прифатилишта во земјата, јави допсиникот на МИА од Гетеборг.
Порано границата беше до 200 лица. Но за да се одговори на потребите во услови на силно растечките бегалски бранови кон Шведска, сега ќе биде можно во еден азилантски центар да бидат сместени и до 650 лица.
– Повеќе немаме слободни места, но никого нема да оставиме на улица – вели за Шведското радио Микаел Рибенвик, оперативен шеф при Миграцискиот завод.
Последните прогнози од надлежните органи покажуваат дека во Шведска во текот на оваа година би можеле да се очекуваат рекордно многу азиланти – преку 100.000.
Бегалските бранови во светот моментно се најголеми во периодот по завршувањето на Втората светска војна.
Многумина се бегалци од Сирија, а и поради пошироката ситуација на Блискиот Исток може да се очекува дека бројот на азиланти во Шведска ќе достигнува високо ниво годинава.
Азилантите од Западен Балкан и понатаму се една од најголемите групи во рамките на споменатите прогнози. Во текот на 2015 година се очекува околу 8.000 лица од земјите во регионот на Западен Балкан да поднесат азилантски барања во Шведска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.