| четврток, 6 декември 2018 |

Националниот Фронт со најдобар изборен резултат на локални избори во Франција

Националниот Фронт (НФ) со освоени 24-36 отсто од гласовите на првиот круг од департманските избори во Франција, го забележа досега најдобриот изборен резултат на локaлни избори.

На општинските избори кои се одржаа пред една година НФ, партијата на Марин Ле Пен освои 15 отсто од гласовите во градовите со над 1000 жители.

Од 60 департмани, кои претставуваат 1158 кантони, оваа крајнодесничарска партија успеа да квалификува во вториот круг закажан за идната недела 46 отсто од своите кандидати, од кои 125 освоиле најмногу гласови.

 – Тоа е жестоко изразување на недоверба на премиерот, кој веруваше дека може да води кампања против народот, изјави претседателката на НФ, Марин Ле Пен, која повика на оставка на премиерот Манеуле Валс.

Имено, партијата на социјалистите на премиерот и претседатлеот на Франција освои 24 до 26 отсто од гласовите со што таа се најде на исто ниво со НФ.

Најмногу гласови вчера освои партијата УМП, над 27 отсто, забележувајќи победа, но нејизниот претседател Никола Саркози потврди синоќа дека нема да има договори на локално ниво за вториот круг, нагласувајќи дека нема да повика да се гласа „ниту за Националниот фронт, ниту за социјалистите“, со оглед дека не ги дели нивните политички определби.

Зголемената мобилизација на гласачите, го ублажи поразот на социјалистите, имено вчера гласаа околу 50 отсто од 43 милиони избирачи, што е повеќе од очекуваното.

Според новата територијална реформа, ангажирана од претседателот Франсоа Оланд, беше предвидено департманите да исчезнтат, одлука која не беше донесена. Вчера и идната недела за прв пат се избира наеднаш целиот состав на департмаското собрание. Се до 2011 година, секоја трета година се избираше само третина од неговиот состав. Мандатот на департманските советници е шест години.

Начинот на изборот исто така досега е невиден во Франција, во секој од 2054 кантони (административна поделба на изборните единици во департманите) ќе се избираат биноми (два советници еден маж и една жена двата на иста листа), со цел да има совршена застапеност на двата пола во собранијата. Досега имаше 4035 канатони, кои беа со помала големина од сегашниве, кога од секој се избираше по еден советник.

Овие избори не се однесуваат на Париз и Лион каде надлежностите на департманот се наоѓаат под другите органи на територијалните заедници, како Советот на Градот Париз.

Департманите ја изгубија „општата надлежност“ односно можноста да трошат-финансираат акции во сите области. Така раководењето со школскиот транспорт преминува во повисокиот степен на администрацијата – Регионот. Сепак департманите ја задржуваат надлежноста во значајни области, како одржувањето и изградбата на патната мрежам со исклучок на автопатиштата, основните училишта од 6 до 9 одделение, противпожарната заштита и социјалната заштита, посебно социјалните давачки за невработените.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top