| четврток, 6 декември 2018 |

Бадел ја почнува одбраната на трофејот во женскиот Куп на Македонија

 Во салата „Градски Парк“ во Скопје денеска од 13 и од 15 часот и 30 минути ќе се одиграат двата полуфинални натпревари од „Фајнл Фор“ турнирот во 23. издание на женскиот Куп на Македонија. Лотос како фаворит најпрво ја пречекува Струга, додека Бадел ќе ја почне одбраната на трофејот против МНА Кожувчанка.

Во првото полуфинале Лотос ја има фаворитската улога на хартија. Предводен од Едина Муса, која е статистички најдобар поединец во досегашниот дел од прволигашката сезона, но и со уште неколку кошаркарки кои имаат и репрезентативно искуство, тимот на Лотос годинава се уште е без пораз, победувајќи на сите 10 одиграни средби. Двапати, избраничките на Жаклина Стојановска ја совладаа и Струга со 70:46 во Скопје и 80:65 на гостински терен во Струга.

Вториот полуфинален натпревар го носи епитетот дерби, а ќе го одиграат актуелниот освојувач Бадел и дебитантот во натпреварувањето – МНА Кожувчанка. За „баделки“ ова е прв официјален натпревар сезонава на домашната сцена по настапите во Јадранската Лига, додека МНА во досегашните 10 средби во Првенството оствари осум победи. Овие две екипи годинава имаат одиграно еден пријателски натпревар, во кој на победа се радуваше Бадел.

Според распоредот, во недела се играат двата финални натпревари од Купот, во младинска и сениорска конкуренција. Од 13 часот ќе се игра младинското финале помеѓу Бадел и Младост Битола, додека од 15:30 часот ќе се одигра и сениорското финале.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top