| четврток, 6 декември 2018 |

Да ја сочуваме државата!

проф. д-р Јованка Кепеска

проф. д-р Јованка Кепеска

Останува, фактот, и тоа не како некаква сувопарна теориска апстракција, дека практикувањето на власта е основната претпоставка, колку за легитимација, уште повеќе, за самото опстојување на државата. За да не биде загрозена државата, сите нејзини институции мораат да функционираат, и тоа со полн капацитет. Инсистирањето на ваков приод кон институциите на општествениот поредок е нашата одговорност во актуелните настани во Македонија.

Заложувањето за демократија, слобода на говор, еднаквост на граѓаните, фер избори, одвојување на државата од партијата, се општите вредности, значајни за сите нас и за сеопштиот и демократски развој на општеството. За овие аспекти е неопходна континуирана дебата, која се одвива не само во форма на политички дијалог.

Би се очекувало дека токму опозицијата би требало да ги направи сите чекори за да се говори за темите, секако, заложувајќи се за принципиелни ставови. Меѓутоа, ниту во опозициските медиуми, ниту на трибините, за нив не се отворија очекуваните дебати.

Нема индикации за изградени ставови на опозицијата, кои, како предлози за решенија, би ги надминале проблемите во изборната сфера и во сферата на медиумите, ниту при емитирањето на снимените разговори, главно на изборите и на слободата на медиумите. Приоѓајќи исклучително со негаторски ставови, таа не покажува ниту елементарна подготвеност за да влезе во дијалог за прашањата.

Во ситуација кога веќе еден месец СДСМ врши жесток притисок врз сите нас и го загрозува мирот во нашиот секојдневен живот, со алиби дека демократските вредности се загубени и дека оваа партија се заложува да се воспостават, апсолутно би било простливо, доколку не сме навикнале веќе досега, поради честата практика, опозицијата со ниска реализација да ја проследува шумата од зборови. Веќе и при сегашното објавување на прислушуваните разговори има аргументи дека станува збор за декларативност и палијативен пристап, кој не остава многу верба во остварувањето на посакуваните заложби. Имено, селективноста на прикажаните разговорите, единствено на функционерите на власта, на новинари и на челниците на партиите што инклинираат кон власта, но не и со снимки на разговори на челници на СДСМ, како да го потврдува тоа. И говори дека не станува збор за општа заложба во однос на гарантираното право на приватност на граѓаните бидејќи прислушуваните материјали ги објавува со строго определени цели, за уривање на власта. Изостануваат прашањата за потеклото на материјалите, како и заложбите нивната веродостојност да се потврди во правна процедура, подвлекувајќи ја само нивната содржина.

Место, првенствено, правна, политичка разрешница, што значи дека се очекува власта сама да демисионира оставајќи простор за преодна влада, се бараат нови избори, голема застапеност на меѓународниот фактор, на пример, преку странски обвинител и судски совет, прочистување на институциите од партиската вмешаност (?), смени на раководствата, на пример, на раководството на МРТВ. Фактички, место воспоставување на легитимноста на власта, опозицијата бара нејзина замена, што, реално, во дадениот момент го дерогира не само правниот и политички систем туку и Уставот.

Индикативен е и примерот, кој воопшто не е осамен, за тоа колку дијалогот станал проблематичен. Имено, еден од студентите што учествуваше на студентските протести, додека сѐ уште беа на улица и, како експониран член на одборот на студентите, пред камерите ја искажа, за мене, конструктивната идеја за радикална реформа на високото образование. Кога го сретнав на Филозофски факултет, каде што и самиот е студент по филозофија, го прашав зошто идејата за која се заложи, во форма на предлог, не е поставена пред Владата за да се почне да се разговара. Тој, без да ми одговори, само ме одмина. Не сакаше да го даде одговорот затоа што, очигледно, разговорот со Владата не беше целта на масовното излегување на улиците, туку покажување сила за да се смени власта.
Пресметаното алиби за демократски барања е со намера овие атаци на опозицијата, навидум, да наидат на разбирање на меѓународната заедница во одбраната на демократските вредности. Но, свесно или несвесно, како нешто што истовремено се надоврзува и на специјалната војна која, формално, исто така, се заложува за демократија, слобода на говор, фер избори и граѓански права, а, фактички, а е насочена за уривање на власта во нашата држава.

Непостоењето конструктивен пристап во последните случувања предизвикани од опозицијата покажува дека не настојуваат да дадат придонес за општеството, зајакнување на државата и на нашиот демократски развој.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top