Како дел од аналитчиката методологија, Стратфор повремено спроведува интерни воени симулации, како што е оваа која го обработува сценарието според кое руските и западните сили би влегле во директен воен судир во Украина. Симулацијата е резултат на детална анализа на воените способности и на Русија и на НАТО, како и на препреките со кои би се соочиле, а се со цел да се измери пресекот на политичките намери и политичката волја кога истите се ограничени од воените капацитети. Намерата на симулацијата не е да предвиди каква и да е разврска, туку на читателите да им ја претстави реалноста на употребата на сила ако пропадне обидот за примирје и ситуацијата ескалира.
Покрај процената на пречките и остварливите цели при различните воени опции, како и потенцијалните одговори на нив, креаторите на руската политика ќе мора да одлучат и дали кое и да е од сценаријата ги остварува нивните политички барања. Целта не е едноставно да се сведат на опции кои се остварливи, туку да изнајдат и опции полезни за вистинските стратешки намери. Јасно е дека Русија ја поседува воената моќ да наметне неподнослив притисок врз Украина ако така одлучи, но тоа не гарантира дека резултатите ќе се воздигнат до повисоките геополитички цели на Москва. На украинското прашање треба да се гледа во поширокиот контекст на руските потреби за создавање браник против европските сили и НАТО на западните граници. Украина е од критично значење за тие потреби, затоа што покрива широка површина од Интермариумот, областа меѓу Балтик и Црното Море.
Покрај самите геополитчки постигнувања кои ги нудат овие сценарија, креаторите на руската политика, исто така, ќе мора да ги земат предвид и последиците од една масовна интервенција на САД и НАТО. Како што отслика вториот дел од оваа анализа, таквата интервенција најверојатно ќе ја осуди на пропаст руската офанзива. Но, прашањето сега е дали ваквата интервенција би била најпогодното решение за Западот. САД и НАТО немаат никаква обврска да ја бранат Украина ако таа се соочи со отворена руска офанзива. Што се однесува на Русија, дејствијата на Западот ќе бидат придвижени од пошироки геополитички императиви.
Всушност, поверојатно е дека НАТО нема директно да интервенира, но руските планери мора да ги земат предвид сите ризици. Пореалистичен начин на одмазда и одвраќање на Русите од страна на Западот би било воведување поделотворни санкции од тековните, што би ја фрлило на колена руската економија. Посилните санкции ќе го чинат Западот многу, но слабата руската економија ја засилува внатрешната политичка закана.
Проучување на руските цели
На тековната ситуација со Русија и Украина, точката при која овие сценарија влегуваат во игра, и’ приоѓаме во контекст на неодамнешните промени кои му се заканија на рускиот императив да ја задржи Украина како бранична зона. Како што се одвиваше украинската криза, така Киев се пренасочуваше кон Западот. Каков и да е потег во правец на натамошна интеграција во Европа или НАТО би претставувал битна закана за руските цели и би можел да ги помести границите на НАТО на 435 километри од Москва. Во моментов се чини дека Киев станува дури и поблизок со Западот, и покрај руската анексија на Крим и воените акции во источна Украина, а Русија останува без својата браник зона во овој дел на Интермариумот.
При разгледувањето на воените опции и политилката и материјалната цена која доаѓа со секое од сценаријата, користа за Русија би била тоа што би го обновила браникот или, поточно, стратешката длабочина. Неколку од сценаријата кои ги разгледувавме нудат многу малку во оваа смисла.
На пример, и покрај фактот дека копненото поврзување со Крим се чини совршено изводливо од воен аспект и може да го гарантира снабдувањето на Крим со свежа вода, со тоа се постигнува многу малку во смисла на стратешка длабочина. Тоа ќе и’ нанесе жестоки економски штети на Украина, особено ако окупацијата се прошири преку реката Дњепар до Трансднестрија. Но, економското сакатење на Украина не ги гарантира руските безбедносни имепративи. Всушност, ако го стори тоа, може да го присили Киев да стане уште позависен од западната финансиска помош и, како резултат, уште повеќе да се интегрира во Европа.
Териториите во источна Украина кои сепаратистите ги изделкаа со огромна помош од руската војска им даваат на руските региони Ростов и Волгоград одредена стратешка длабочина. Ова не е небитно (овие руски региони претставуваат спој со руската јужна граница на Кавказот), но губењето на остатокот од Украина како браник сепак го приближува Западот до Москва. Дури и ако сепаратистите и нивните руски поддржувачи ги заземаа целите региони Донецк и Луганск, ќе останеше јаз во браникот кај Курск. Со оглед на тоа дека Украина употреби значителен дел од својата борбена моќ на боиштата во источна Украина, операцијата да се заземат регионите целосно би можела да ја уништи воената способност на Украина. Русите се и повеќе од способни значително да ја намалат борбената моќ на целата украинска армија. Но, тоа нема да ја уништи способноста на Киев да се приклони кон Западот и, слично како и при уништувањето на украинската економија, може да го присили Киев уште повеќе да се доближи кон Западот со тоа што ќе го присилат да стане зависен од САД и НАТО при обновувањето на своите воени капацитети.
Од сите воени опции кои ги разгледа Стратфор, единствената која е и во рамките на руските капацитети и им ја носи потребната стратешка длабочина, е сценарието според кое руската армија напредува низ источна Украина и се вкотвува на реката Дњепар. Како што беше објаснето во првиот дел од оваа анализа, потребната човечка сила да се изведе оваа операција би опфатил значителен дел од вкупните руски копнени сили. За да ги создаде овие сили, Русија не само што ќе мора да пренамени огромен дел од своите постоечки безбедносни сили, туку исто така ќе мора да го зголеми обемот на својата армија преку регрутација и екстензивна мобилизација на резервистите, особено ако сака да го одржи присуството во другите области долж руската граница и на периферијата.
Состојбата на руската економија ќе ги попречи ваквите напори. Значителна мобилизација ќе бара Русија дека го зголеми веќе преоптоварениот буџет за одбрана, иако одбраната беше изземена од буџетските кратења. Дури и ако Русија успее да ја покрене оваа операција, успехот не може да се гарантира. Згора на тоа, интервенција на НАТО во Украина не само што би можела да ги уништи напорите на Русија да ги постигне своите цели, туку може да и нанесе осакатувачки удар на руските воени капацитети во целост.
Ризикот од ескалација
Интервенцијата на САД и НАТО против една отворена руска офанзива во Украина би претставувала значителна ескалација самата по себе. Сепак, во случај на таква интервенција, заканата воените интервенции и одмазди да се прошират кон Балтикот, или внатре во Русија, ќе стане многу реална. Како дел од стратешкото ниво на војувањето, и двете страни ќе се трудат да удрат по инфраструктурата и воените капацитети надвор од украинското боиште, со употреба на балистички и крстосувачки проектили или воздушни напади. Таквите дејствија, секако, бргу би можеле да прераснат во тотална војна и во тој момент можноста за нулеарна одмазда ќе му даде непредвидлива динамика на конфликтот, со што било чија воена победа ќе стане многу дискутабилна.
Секако, креаторите на руската политика би можеле да го земат предвид ризикот од ескалација како застрашување кон САД и НАТО за да не интервенираат против каква и да е офанзива која тие би ја покренале во Украина. Но, ако Русија изведе операција која ќе им овозможи на нејзините сили да се вкотват на реката Дњепар, состојбата во која ќе се најде Украина може да не биде посакуваната за Русија. Дури и ако не се материјализира директната воена интервенција на Западот, западниот дел на Украина ќе опстои како засебна држава и тековната инхибираност на Западот во врска со вооружувањето на Украина и разместувањето на сопствени сили бргу ќе испари.
Во суштина, долж реката Дњепар ќе никне нова Железна завеса, при што руските и НАТО силите ќе се ѕверат едни со други од двата брега на реката. Иако за Русија ова може да претставува нето добивка споредено со губење на цела Украина на сметка на Западот, тоа е сепак огромна загуба споредено со целосна, но неутрална Украина. Ако Русија успее да ја заземе и цела источна Украина, тоа ќе значи размена на бранична зона широка 800 километри, за додатна стратешка длабочина од 320 километри. Точно е дека таквата географија би била многу поодбранлива, но НАТО најверојатно сепак би се нашол на самата граница со Русија, со никаква бранична зона.
Заклучокот до кој се стигна преку спојувањето на овие сценарија со стратешките императиви на Москва е дека не се истакнува ниту една очигледна опција. Сите овие сценарија се логички изводливи, иако некои од нив се со неверојатна цена, но само неколку вистински им погодуваат на руските потреби и ниту едно од нив не може да гарантира успех се додека постои можноста од воена интервенција на САД и НАТО. Ако изгледот за такво воено ангажирање го спречува Западот да преземе директни дејствија против руската офанзива, тогаш опцијата да го преземе остатокот од Украина значително ги минимализира добивките од каква и да било воена операција која Русите би ја зеле предвид. Како што одлично забележа Џошуа, компјутерот во филмот од 1983 година „Воени игри“: „Единствениот победнички потег е да не се игра“.
Извор: Макфакс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.