| четврток, 6 декември 2018 |

Во Скопје се одбележуваат „Денови на пролетта“

пролет

Преку низа активности за заштита на животната средина денеска во Скопје започна одбележувањето на манифестацијата „Денови на пролетта – Денови на екологијата 2015“.

Во паркот на природата Гази Баба се одржаа едукативни предавања за заштита на бувот, како и акција за садење дрвца, каде што присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, членови на Советот на Град Скопје и претставници од Општина Чаир.

Градоначалникот Трајановски истакна дека целта на овие активности е подигнување на свеста за зачувување на природата и животната средина.

– Тука, во паркот на природата Гази Баба најмладите имаат можност да се запознаат со бувот, неговото значење и заштита, додека ученици од СУГС „Панче Арсовски“ и од СУГС „Цветан Димов“ ќе засадат околу 100 листопадни и зимзелени дрвја – рече Трајановски.

Тој информира дека денеска акција за пошумување ќе се одржи и на Водно, а деновиве, Градот Скопје традиционално ќе распише јавен конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор и најубав состав на тема екологија.

Едукативните предавања во паркот на природата „Гази Баба” за значењето и заштитата на бувот, на децата од градинката „Детска радост“ од Гази Баба, ги спроведе Македонското здружение за заштита на бувови („Macedonia owl trust“), во рамките на кампањата „Ајде да го заштитиме бувот“. Притоа беа поставени и повеќе куќарки за бувови на оваа локација.

Акција за садење на дрвја се одржа и на Средно Водно, кај почетната станица на жичницата, каде што Градот Скопје во соработка со Друштвото за управување со пакувања и отпад од пакувања „ПАКОМАК“ засадија 60 дрвја, а се поставуваат и табли со еко пораки и историски податоци за Скопје по должината на планинарските патеки на парк-шумата Водно. Овие активности, како што информираат од Град Скопје, се одвиваат со ученици од основните училишта и Центарот за поддршка на лица со интелектуална спреченост „Порака“-Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top