| четврток, 6 декември 2018 |

Стејт департмент: Бугарија има стратегиска положба на балканскиот пат за илегална трговија со наркотици

54e0bc5c41dff_240169b

Бугарија има стратегиска положба на балканскиот пат за илегална трговија со наркотици и со друга шверцувана стока од Југозападна Азија кон Западна Европа. Меѓународните организации за шверц со наркотици продолжуваат да пренесуваат кокаин и хероин, синтетичка дрога и сѐ повеќе хемиски забранети супстанции преку Бугарија до Западна Европа, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за стратегијата во меѓународната контрола на наркотици.

Според документот, во 2014 година организациите за илегална трговија со наркотици од Африка и од Блискиот Исток продолжија да работат со бугарските мрежи за организиран криминал за пренесување кокаин и хероин од Јужна Америка во Европа.

Стејт департментот посочува и дека продолжило производството на незаконски наркотици во Бугарија, пред сѐ одгледување марихуана за локални потреби и производство на синтетичка дрога – анфетамини, кои се произведуваат во мали лаборатории како за лична употреба, така и за локална продажба.

Во 2014 година во Бугарија се спроведени неколку заеднички операции на различни институции при што биле конфискувани стотина килограми наркотици, вклучително и седумпати повеќе хероин во споредба со 2013 година. Бугарските власти конфискували и големо количество на нови психотропни супстанци.

Стејт департментот наведува и дека Бугарија нема значителни истражувања на наркоманијата од 2009 година, кога биле регистрирани приближно 30.000 активни наркомани. Најчесто употребувана дрога во Бугарија е марихуаната, а потоа следуваат синтетичките дроги и хероинот.

Во документот се посочува и дека бугарските власти продолжуваат да соработуваат со американските колеги во борбата со наркотиците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top