Холандска „Интервистас консалтинг Б.В.“ (InterVISTAS Consulting B.V) во наредните четири месеци треба да изработи физибилити студија за можноста за воспоставување национален (редовен) авиопревозник во Македонија.
Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека со „Интервистас консалтинг“ е склучен договор за изработка на физибилити студија избрана за најповолен економски оператор.
Студијата треба да даде јасна слика која ќе покаже дали има економска исплатливост и под кои услови ќе може да се формира, односно воспостави национален авиопревозник.
Избраниот консултант треба во рок од 60 дена да ја заврши првата фаза од студијата. Доколку студијата од првата фаза покаже физибилност, компанијата има обврска во рок од дополнителни 60 дена да ја заврши и втората фаза.
– Владата на Република Македонија и понатаму останува целосно посветена на реализирање на цврстата определба кон идејата за воспоставувење национален авиопревозник, како и продолжување на трендот на позитивните политики насочени во развојот на воздушниот сообраќај во нашата држава – се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.
За подготовка на студијата за економска исплатливост, според огласот за избор на консултантот објавен во ноември лани, е планирано да се потрошат околу 160.000 евра, без вклучен ДДВ.
Покрај изработка на студијата, според најавите, консултантот ќе треба да анимира реномирани странски авиокомпании во пронаоѓање интерес да станат македонски национален авиопревозник, но и да ја советува македонската Влада во текот на целата постапка за пронаоѓање квалитетна и издржана понуда за успешно спроведување на проектот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.