| четврток, 6 декември 2018 |

Секторско поврзување и заеднички настап договорија македонските и српски бизнисмени

zastava srbije - srpska zastava - srpski grb- grb srbije - 1882

Секторско поврзување на компаниите и заеднички настап на трети пазари, договорија бизнис заедниците на Македонија и Србија на деловниот форум во Белград.

– Македонија и Србија имаат интерес од продлабочување на економската соработка. Интензивирањето на деловните врски е значајно особено за  земјава, бидејќи осумилионскиот пазар на север нуди големи можности за ангажман на нашите компании кои Србија  ја гледаат како нивна порта кон пазарите на Западна Европа – беше истакнатo на форумот на кој присуствуваа околу 60 компании од двете земји.

Како што соопшти Стопанската комора, најголем интерес за соработка има во областа на градежништвото, земјоделството и прехранбената индустрија, металургијата и инженерингот, текстилната и  хемиската  индустрија, неметалите.

Форумот го отвори Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на  Србија. Тој ја потврди подготвеноста на Комората интензивно да се ангажира во развојот на бизнисот меѓу двете земји. Како идни приоритети во економската соработка ги наведе подоброто инфраструктурно поврзување, т.е. вложувањата  во изградба и модернизација на Коридорот 10, соработката во областа на енергетиката, телекомуникациите, земјоделството, градежништвото, зголемено користење на предностите што ги нуди Договорот за слободна трговија – ЦЕФТА, интензивирање на регионалната соработка и креирање и реализација на заеднички проекти.

Македонската делегација ја предводеше потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева која повика на секторско поврзување на компаниите и зеднички настап и извоз на трети пазари. Посветеноста на Комората, рече Георгиева, е во правец на поддршка на бизнис-заедницата со цел воспоставување контакти и вклучување на компаниите во проекти од заеднички интерес.

Според неа, приоритет за двете комори и натаму треба да бидат олеснувањето на трговската размена и извозно-увозните процедури, зголемувањето на инвестициите, либерализацијата на услугите, транспортната инфраструктура, односно продолжување на дијалогот за надминување на отворените прашања како што се нетарифните и техничките бариери како сериозна пречка за слободниот проток на стоки.

– Заеднички треба да работиме на зголемување на конкурентноста. Во таа насока, минатиот месец на Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори  беше поддржана  нашата иницијатива 2015 година да биде прогласена за година на конкурентноста во земјите-членки на Асоцијацијата. Конкурентноста е главен предуслов за поголем продор на компаниите на светските пазари, преку обезбедување микро-конкурентност на ниво на претпријатија и поволната бизнис-клима која се поттикнува со воведување на нови производи, процеси и инвестиции – подвлече Георгиева.

Меѓу двете деловни асоцијации беше договорено Стопанската  комора на Србија да им помогне и да го олесни за македонските компании влезот на пазарите на државите на поранешниот СССР и земјите од регионот на Кавказ, со кои таа има интензивни врски и договори за слободна трговија. Од друга страна, Стопанската комора на Македонија ќе им помогне на српските компании при нивниот настап на пазарите на Северна Африка, проект којшто со турските компании  почнува да го релизира најстарата и најбројна асоцијација во земјава.

Радош Вукичевиќ, промотoр за Србија и Бугарија од Агенцијата за странски инвестиции, ги промовираше можностите и условите за инвестирање во  Република Македонија. Вкупната трговска размена на Македонија со Србија лани достигна 856,3 милиони долари што е раст од 8,12 отсто во спoредба со 2013 година. При тоа, остварен е извоз од 258,28 милиони долари, а увозното салдо изнесува 598 милиони. Евидентирано е негативно трговско салдо со дефицит од 339,75 милиони долари.

Во однос на структурата на производите, во 2014 година, Македонија во Србија намногу извезла вино од свежо грозје, домати, цигари, плоснати валани производи од железо или нелегиран челик, лекови, додека во увозното салдо најголемо учество имаат електрична енергија, нафтените масла, плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, пченицата, цигарите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top