| четврток, 6 декември 2018 |

Австралиски пратеник бара Македонија да биде признаена под уставното име!

18_avstralijaАвстралискиот пратеник Лук Симпкинс, претседател на Комисијата за соработка меѓу Австралија и Македонија, во Парламентот на Австралија реагираше остро по најавата на Министерката за надворешни работи Џулија Бишоп дека Австралија нема да го смени начинот на именување на Република Македонија. Бишоп пред десетина дена негативно одговори на писмо упатено од претставници на македонската заедница во Австралија, кои побараа Австралија конечно да престане да ја употребува времената референца во комуникацијата со Република Македонија. Писмото на Бишоп предизвика гнев во македонската заедница, кој го изрази пратеникот Симпкинс, влијателен член на владејачката Либерална партија кој застапува изборна единица во градот Перт во која има значителна македонска заедница.

– Во секој случај кога зборуваме за прашањето за ‘спорот за името’, Австралијците со македонско потекло кои ги има околу 100.000, се чувствуваат навредени од тоа што продолжуваме да го употребуваме изразот ‘поранешна југословенска Република Македонија’. Југославија престана да постои пре 20 години, и Австралија треба да престане да биде заглавена во минатото. Зошто не го правиме тоа? Јасно е дека двете наши партии се плашат дека ова прашање ќе ја обедини австралиската грчка заедница во гласачки блок против партијата која ќе се реши да го признае името на Република Македонија. Трагично е што им дозволуваме буквално на една дузина грчки националисти да имаат толку големо влијание и да ја контролираат надворешната политика на нашата држава”, изјави Симпкинс во своето обраќање пред Парламентот.

Повод за ова обраќање е писмото кое министерката Бишоп го упати до Крис Ангелков, потпретседател на здружението на македонската заедница во Западна Австралија. Во писмото на министерката Бишоп се вели дека Австралија ќе продолжи да ја употребува референцата договорена со Времената спогодба.

– Став на Владата останува да продолжиме да ја користиме номенклатурата на Обединетите нации како времена мерка, додека прашањето не биде разрешено меѓу Скопје и Атина, под мандатот на Обединетите нации, Европската Унија, или некоја регионална иницијатива. Свесни сме дека остануваат големи предизвици за да се изнајде заемно прифатливо решение, но јас сум охрабрена од обновениот интерес кај лидерите на Европската Унија, за потребата ЕУ, заедно со ОН, да работат посилно за да се изнајде решение. Владата е свесна дека ова прашање останува тешко за австралиско-македонската заедница, како и за другите заедници во Австралија. Разбирам дека вие и понатаму веројатно ќе продолжите да не се согласувате со ставот на Владата околу ова прашање, министерката Бишоп пишува во писмото упатено до Ангелков, од македонската заедница од Западна Австралија.

Во писмото на министерката Бишоп се додава дека австралиската Влада ќе продолжи да го следи прашањето за спорот за името, во рамките на регионалните и меѓународните случувања. Министерката Бишоп додава дека австралиската Влада смета дека настаните во 2014 година во источна Европа, вклучително во Украина и на Балканот, покажуваат дека оставањето на неразрешени прашања во регионот претставува ризик за европската и меѓународната безбедност.

Во својот говор пред Парламентот, Симпкинс вели дека повеќето Грци во Австралија не се заробени од параноичен страв дека ако Австралија ја признае Македонија под уставното име, Грција ќе загуби дел од својата територија. Но, мала, а сепак гласна група националистички ориентирани Грци во Австралија вршат притисок во име на целата заедница. Симпкинс посочува дека со својот став, Австралија се наоѓа во мала група држава кои на Македонија и се обраќаат преку времената референца, меѓу кои не се традиционалните австралиски сојузници како САД, Британија и Канада. Симпкинс посочува дека Грција покажала дека нема намера да го реши овој спор, не прави никакви отстапки, не ја почитува пресудата во судскиот процес во Хаг, па дури и јавно искажала став, како во примерот на поранешниот премиер Андонис Самарас, дека за Грција најдобро би било кога Македонија би се распаднала во меѓуетнички конфликт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top