Помошникот на заменикот-државен секретар на САД, Филип Рикер, во Брисел случајно влета во средбата на македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Фатмир Бесими со директорот на Директоратот за проширување на Европската унија, Стефано Санино. Агенцијата МИА од европската престолнина известува дека, додека Бесими чекал да биде примен од Санино, првиот оперативец задолжен за проширување се појави заедно со Рикер, на чудење на македонската делегација.
– Јас сум за друга работа тука, но драго ми е што ве гледам министре Бесими. Како е во Македонија? – му се обрати поранешниот амбасадор на Бесими.
По неколкуминутен разговор во ходникот, Рикер му се заблагодари на Санино што го примил „за друга работа“, а на Бесими и на македонската делегација на чист македонски јазик им посака „се најдобро, довидување“.
Како што е познато, Рикер, кој е задолжен за Западен Балкан во Стејт департментот, постојано е во Брисел поради дијалогот Белград-Приштина што се одвива под капата на Европската унија, но со сесрдна поддршка на САД, а кој вечерва се очекува и успешно да заврши по повеќечасовниот трилатерален состанок Ивица Дачиќ-Кетрин Ештон-Хашим Тачи.
Бесими е во тридневна работна посета на европската престолнина каде ќе се сретне со високи преставници на ЕУ поради завршната фаза од подготовката на Специјалниот извештај на Европската комисија за Македонија, што ЕК ќе го објави на 16. април. По средбата Бесими-Санино немаше ниту изјави, ниту соопштение од двете страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


