По четири месеци поминати во притвор ексградоначалникот на Охрид од СДСМ Александар Петрески нуди кауција од половина милион евра за да излезе на слобода. Неофицијално, станува збор за неколку недвижни имоти, кои Петрески ќе ги остави како хипотека за да му се укине притворот, јави „Фокус“.
Тој ќе го следи примерот на некои притворени од предметот „Јагула“, кои претходно успеаја со гаранција да излезат на слобода. Сепак, на Петрески и на уште некои од неговите подредени соработници од општина Охрид по четврти пат им беше продолжена мерката за нови 30 дена.
Обидот на Петрески да излезе од притвор следува откако се сфати дека истрагата за досието ќе потрае подолго затоа што материјалот е обемен, но и затоа што истиот обвинител во предметот е ангажиран и во истрагата за акцијата „Пуч“. Најверојатно шесте месеци предвидени со закон за истрага, во случајот со Петрески ќе бидат одолжени. Таква можност постои во законот, да се продолжат првите шест месеци со нови.
Инаку, Петрески се гони за финансиски малверазии со кои се здобил со противправна имотна корист преку јавни набавки и градежни активности. Но и неговиот случај, како и многу претходно, ќе потрае. Обвинителот Златко Биковски има поприоритетен предмет, тоа е „Пуч“ во кој Верушевски, неговата сопруга, Заев, Палифров, Лазаревски и Костовски се осомничени за шпионажа и насилство врз државни преставници.
За сега е неизвесно дали постојат телефонски снимки кај опозицијата, кои би потврдиле како била организирана и спроведена акцијата против Петрески. СДСМ најави дека многу судски случаи биле конструирани од власта. До сега беа емитувани снимки само за случајот „Кампања“ на Бошкоски и за случајот „Космос“ на Фијат Цановски и општи разговори како власта избира и разрешува судии и како мести судски предмети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.