| четврток, 6 декември 2018 |

Повисоки пензии, зголемена социјална помош, бесплатни таблети

07 (Custom)Зголемување на социјалната помош, бесплатни таблети за студентите чии семејства имаат примања под просечната плата, но и нови странски инвестиции кои ќе овозможат 4.500 директни вработувања најави вчера премиерот Никола Груевски на трибината која се одржа во СЦ „Борис Трајковски“.

Премиерот истакна дека тие ги реализраат проектите кои ги ветиле пред граѓаните, градат и создаваат. Груевски објави дека наместо најавените пет проценти, покачувањето на социјалната помош од јуни ќе биде двојно поголемо, односно десет проценти.

– Социјалната парична помош е зголемена за 47 проценти, а постојаната парична помош за 46. Над 9.000 деца од социјално ранливи семејства отидоа на бесплатен одмор, истакна Груевски, кој потсети и дека изминатиот период пензиите во просек се зголемени за 62 отсто, а најниските пензии се зголемени за 76 проценти. Следно покачување на пензиите ќе биде во октомври.

– Покрај зголемувањето на пензиите за пензионерите се обезбедија многу други бенефиции, меѓу кои и тоа што 25.000 пензионери отидоа на бесплатна бања, а оваа година уште 5.000 ќе одат, рече Груевски.

Груевски многупати досега истакнал дека покрај ветените, доколку има можност се обидуваат да спроведат проекти кои се за доброто на граѓаните, а кои не биле ветени во програмата. Во таа насока, на вчерашната трибина, премиерот посочи дека работат на проект со кој сакаат на сите студенти кои за првпат запишале трета или четврта година, а чиишто семејства немаат поголем месечен приход од просечна нето-плата во Македонија, која во моментот изнесува околу 21.500 денари, бесплатно да добијат таблет и тастатура.

-Целта е да им помогнеме да се здобијат со поквалитетно образование, со повеќе можности, шанси, и еднаквост со тие чиишто родители имаат поголема заработка, посочи Груевски.

Невработеноста и во иднина ќе продолжи да се намалува. Груевски вчера најави и влез на шест нови инвестиции кои ќе овозможат 4.500 директни вработувања и голем број индиректни.

Ќе има, како што рече, американска инвестиција од автомобилската индустрија во висина од 15 милиони евра стационирана во Тетово со 2.500 вработувања во тој регион. Друга веќе неформално потврдена инвестиција ќе има Василево, во капацитет за производство на материјали во рударство и градежништво.

Пред две-три недели, информира премиерот, Владата одлучила да издаде уште една концесија за проширување на сопственикот на сегашниот рудник „Саса“ во Македонска Каменица, што ќе биде нова инвестиција и дополнителни 200 вработувања во тој крај.

Во Велес, најави, ќе следи уште една инвестиција со 1.000 вработувања на која долго работеле, а за која веќе домашна банка склучи договор за продажба на халите на поранешна „Порцеланка“. Германска компанија од висока технологија автомобилската индустрија, според Груевски, ја известила Владата дека веќе донела одлука за инвестирање во Прилеп, каде ќе овозможи 250 вработувања главно високо образовани кадри, пред се инжинери и менаџери, кои ќе ги обучува во Германија.

Шестата нова инвестиција, посочи Груевски, е од германска компанија која ќе инвестира 30 милиони евра во зоната во Скопје и ќе отвори 500 нови работни места. Компанијата иако сеуште официјално не објавила, веќе има регистрирано фирма во Скопје, отворено канцеларија и првите административни вработувања се реализирани.

– Само овие шест ново најавени фабрики денес значат нови 4.500 нови работни места во Македонија, рече Груевски, порачувајќи дека носењето инвестиции и новите работни места се вистинската борба за државата.

Тој додаде дека само во оваа година очекуват уште нови 25 странски компании да донесат и објават одлука за градба на капацитети во Македонија, дел од нив и да почнат со градба и во истите тие капацитети кои планираат да ги отворат да се креираат нови над 13.000 работни места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top