Грчкиот весник „Катимерини“ тврди дека имале можност да видат писмо упатено од поранешниот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во декември 2014 година до американскиот државен секретар Џон Кери, во кое Грција протестира против именувањето на Република Македонија под уставното име на состанокот на коалицијата против Исламската држава на Ирак и на Сирија (ИСИС), кој се одржа во Брисел. Венизелос тогаш на грчките медиуми им изјави дека во знак на протест го напуштил состанокот на сојузничките земји, додека дописникот на МИА од Брисел информираше дека Грција реагирала дури по настанот, откако грчките медиуми остро го нападнале Венизелос за начинот на кој била именувана Македонија.
– Американските претставници одбиле да го сменат начинот на кој е именувана „Република Македонија“. „Катимерини“ имаше можност да го види писмото упатено од тогашниот министер Венизелос до државниот секретар Џон Кери. Венизелос вели дека е длабоко разочаран од однесувањето на САД, кои претседаваа со состанокот, и додава дека САД покажале недостиг од почит за Привремената спогодба меѓу Атина и Скопје, како и дека по овој настан станува потешко да се постигне договор меѓу двете земји во Обединетите нации – пишува „Катимерини“, во подолга анализа на Сотирис Сидериос. Според „Катимерини“, Грција го сфатила именувањето на Македонија под уставното име на состанокот во декември како обид на САД да извршат притисок врз грчкaта страна, за конечно да се изнајде решение на спорот за името.
При состанокот на почетокот на декември беа собрани 62 држави – членки на коалицијата која САД ја предводат против ИСИС, при што во најавата на конференцијата, македонскиот министер Никола Попоски бил најавен според устаното име, додека во завршната декларација ниту една земја не била именувана според името. Но, имајќи предвид дека Грција беше во предизборие, грчките медиуми го критикуваа учеството на на Венизелос, по што тој подоцна ги информираше медиумите дека демонстративно го напуштил состанокот.
Во анализата на Сотирис Сидерис, објавена во Катимерини, се вели дека Грција сепак сериозно го сфатила именувањето на Попоски како министер на Република Македонија, под уставното име кое САД го користат уште од 2004 година, како вид на нов притисок на САД кон Грција. Сидерис пишува дека Грција се обидела да го смени начинот на кој Попоски е претставен на состанокот, и го покренале тоа прашање пред помошникот државен секретар Викторија Нуланд, но САД ги одбиле.
Весникот потсетува на оваа епизода, и го открива деталот со писмото, во момент кога двете земји разговараа за спроведување на низа мерки за подобрување на односите. Министерот Попоски и новоименуваниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕиас се сретнаа пред десетина дена во Рига, каде разговарале за мерки за градење доверба меѓу Македонија и Грција. Катимерини во овој текст, како и повеќе други грчки медиуми по средбата во Рига, ја предупредуваат грчката јавност дека зад идејата за мерки за подобрување на односите меѓу Македонија и Грција стои Германија, која минатото лето упати слично барање и до сите балкански држави кои се уште не се членки на Европската Унија – да работат на надминување на своите разлики и на нудење заеднички проекти. Катимерини сега додава дека ова барање за подобрување на односите стојат е заеднички став на Берлин, Брисел и Вашингтон. Сидерис воедно ја предупредува новата грчка Влада на крајно левичарската коалиција СИРИЗА дека може да претрпи тешки последици доколку лошо реагира на притисокот од западните сојузници да дозволи отворање на преговори за прием на Македонија во Европската унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.