| четврток, 6 декември 2018 |

Реакција на Вељаноски за книгата и за дебатата „Црн понеделник и по него“

trajko-veljanoskiСкапите еднопартиски сеанси кои се организираат во функција на вршење притисок на домашната јавност и за замајување на меѓународната заедница, само го дополнуваат веќе кристално јасниот заклучок дека пред и на 24 декември 2012 година беше спроведено мрачно сценарио за суспендирање на парламентот заради дестабилизација на државата, стои во реакцијата на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, која во целост ја пренесуваме.

Навивачката и гротескна судница во која се претвори денешната промоција на скапиот болшевички памфлет, за жал се случува сред изборите и е во директна функција за вршење притисок врз Комисијата која треба да ги утврди фактите пред и на 24 декември 2012 година. Старата болшевичка метода на замена на тезите нападнатиот претседател на Собранието со нарушувачите на редот е најдобар доказ за матрицата на затворениот ум и мрежата на затвореното, а не на отвореното општество. Целата политичка магла која насила се пумпа во македонското општество има една единствена цел: насилно приграбување на власта по секоја цена. Се’ што влегува во ова сценарио е сојузник. Со нехаризматични глумици кои се спремни и потсмешливиот бастум да го стават како влог во својата октроирана кариера – не се гради држава. Оваа опасна состојба на (не)умот која ги опседнува остатоците од негативната селекција на црвената буржоазија е главната пречка за било каков напредок на Македонија. Нема да има напредок во Македонија додека не се надмине оваа закоравена самобендисана матрица!  Мрзливите газди на оваа назадна матрица не можат да се помират со бруталната вистина дека не само што нивното време помина и буквално ги прегази, туку и дека монополот кој нереформираниот СДСМ го држи како дежурен, божем државотворен наследник, веќе одамна е целосно раздробен! Штетата која и се прави на Македонија е огромна и нема многу да помогне тоа што еден ден сите овие квази актери ќе се срамат од своите постапки.

Факт е дека пред и на 24 декември 2012 година, малцинството во Парламентот направи неуспешен и опасен обид да го суспендира правото на паралментарното мнозинство да дискутира и да се изјасни по Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2013 година. Благороден е и концептот за отвореност на општетсвото и градењето на мостови меѓу различностите. Како и да е, сите вистини ќе излезат на виделина и многу политичари и влади ќе се сменат, а само вечниот директор ќе остане непроменет. Тие се константа на македонското општество без која немаше да ни се случи „успешната транзиција“ и „уште поуспешната приватизација“.

Денес сценаристите очигледно не можат да се помират со фактот дека нивните мрачни планови за узурпација на волјата на граѓаните преку употреба на насилство се целосно спречени и откриени како резултат на законското постапување на институциите преку примената на Уставот, Деловникот на Собранието, како и Законот за Собранието.

За волја на вистината, важно е да се нагласи дека Законот за Собрание, македонскиот Парламент го донесе заеднички, со консензус со 73 гласа и на позицијата и на опозицијата, значи и на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА, ЛДП итн. Освен споменатото, Законот го помина и филтерот на Уставниот суд кој ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на неговата уставност, односно негово оспорување, со Решение од 23.03.2011 година (У.број: 197/2009/0/0) во кое, меѓу другото, во завршниот дел стои:  “Судот смета дека Законот треба да се разбере како правен акт со кој се разработуваат и прецизираат уставните определби поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија…“.

Сите политички партии треба да покажат респект спрема интегритетот на централната демократска институција во Република Македонија – Собранието  на Република Македонија. Но, факт е дека политички настани се предмет и на минливост и на злоупотреби. Затоа на настаните од 24 декември 2012 година треба да им се пристапи со целосна одговорност и длабоко внимание. Треба целосно да се истражат сите факти и околности и перцепцијата за настаните не треба да доаѓа од партиските мотиви туку од потребата да се утврди вистината. Во функција на објективното информирање и на јавноста и на сите други субјекти, стручната служба на Собранието наскоро јавно ќе објави Хронологија на фактите и околностите поврзани со настаните кои претходеа и се случија на 24 декември 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top