| четврток, 6 декември 2018 |

БАСНИ

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Басни се кратки дидактички прикаски, произлезени, пред сè, од океанот на народното творештво, каде фолклорниот гениј на анонимниот творец или, пак, колективниот дух на една специфична култура создава чудесни надреалистични и фантазмагорични собитија, во кои одредени карактерни својства на луѓето добиваат анималистички аспекти, и обратно, животонските карактеристики сублимираат до човечки манифестации и одредени маркантни животни бидуваат антропоморфизирани и така воспоставени во драмските и наративните структури.

Во историјата на книжевноста басните се појавуваат уште во антиката, а нивниот корен, најверојатно, потекнува уште од праисторијата, од времето на најстарите религии, како што е, на пример, анимизмот. Животните и човекот од самите почетоци на нивното постоење делат ист животен простор и затоа анималната симболика имала круцијално значење во културата на човекот, од најдревни времиња, па сè до денес, кога сите тие претстави на одредени животни со силни карактеристики, во стилизирана форма сè уште се многу присутни во хералдиката од секаков тип.

Многу големи творци во уметноста, а посебно од сферите на книжевноста, се бавеле со пишување басни. Од Езоп, па до Лафонтен и Крилов овие кратки и ефектни прикаски ги забавувале и подучувале луѓето од многу светски културни средини.

Голем е дијапазонот на басните и нив ги има на сите континенти. Некои се вообичаени и распространети, а некои егзотични и крајно зачудни, но за сите нив има едно универзално својство, а тоа е чудната синтеза на човековите моќи и животинската интуитивност и способност.

Тој, што добро ги познава басните, има голема мудрост. Басните се надградуваат и еволуираат и тие до ден денешен го господарат креативниот простор во многу ументички медиуми, како книжевноста, сликарството, стрипот, а посебно се вткаени во анимираниот филм, каде врз традицијата на басните е изградена цела една индустрија за детска забава. И Мики Маус и Пајо Паторот и Том и Џери и Трите прасиња се произлезени од древниот свет на басните.

Но басните се, воедно, и содржатели и преносители на одредени апсолвирани ситуации во животот и тоа сознание и мудрост тие го пренесуваат со аксиоматска прецизност врз следните генерации. Треба да се биде доволно отворен и аналитичен, за да се види колку, всушност, басните се резултат на едно етаблирано и безброј пати проверено искуство, кое функционира повторно и повторно, исто така прецизно и денес, како и пред илјадници години.

Една таква универзална и фантастично прецизна басна, која ги потврдува вистините за релативноста и амбивалентноста на животот, е и онаа за зајакот и желката.

Ништо не е онака, како што изгледа на прв поглед. Инстантните впечатоци и површното гледање на реалноста, на крајот се преобратуваат во една сосема спротивна стварност и вистина, која на виделина ги покажува скриените и таинствени механизми на животот, какви што се истрајноста и мудроста.

Но оваа повест за зајакот и желката и денес се повторува на планот на нашата современа политичка сцена. Зајакот е симбол на брзина и супериорност по прашањата на инстантното снаоѓање во просторот, тој носи аура на елитност, а, пак, од друга страна желката е трома и бавна и делува како некакво, едвај способно за живот, суштество.

Така, во случајот на нивниот брзински натпревар или, ако сакате метафорички, во борбата за власт, брзиот и недофатлив зајак делува како супериорен противник на едвај подвижната желка, но наспроти сите претпоставки, реалноста на животот ни нуди сосема неочекуван исход во споредба со претпоставениот, кога ќе тргнеме од потенцијалот на нивните капацитети за трчање. Всушност, елитната супериорност на зајакот ја корумпира неговата мисија, венсувајќи го во голем и заслепувачки суетен занес, при кој тој ги губи конците на реалноста, поведен од силниот потценувацки вострем кој го прави побавен и од самата желка, која со својата скомност, трпеливост и со предаденоста на мисијата, успева да победи и да го посрамоти фаворизираниот зајко.

Така и во реалноста, посебно во онаа политичка реалност, која сите овие години ни се сервира по сите можни информативни гласила. Сетете се само на обидот на претставниците на опозицијата од пред неколку години да пенетрираат во Собранието на РМ и да ја узурпираат власта – нивната константна опсесија, откако во 2006 година паднаа од тронот на управувањето со државните афери. Тогаш овој див и неинтелигентен, но полн со експлозивност, обид за искачувањето на управителскиот трон беше задушен од толпата „желки“ – род полициајци, кои се специјално обучени за справување со улични немири.

Еве, денес, повторно еден „зајко“ се обидува да направи политички преврат во државава на сличен, крајно несоодветен и непринципиелен начин.

Брзината, но не и интелигенцијата, е неговата карактеристика во овој, би рекол, крајно неморален и невоспитан начин преку пенетрација во приватниот живот на функционерите и на многу други луѓе, да го добие она, по што страда неговата нескромно нарасната суета. Така овој зајко ја повторува старата вистина, содржана во басната за зајакот и желката, а консеквенците по зајко повторно се поразителни.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top