Пијанечкиот крај изобилува со извонредни песнопојци, инструменталисти, прекрасни игроорци и ненадминати раскажувачи и негувачи на народното творештво. Во тоа се уверивме и овој пат, при посетата на селото Драмче, Делчевско. Тоа е маалско село и од него потекнува едно од најстарите културно уметнички друштва „Копачка”. Според преданијата што ги раскажуваат локалните жители, селото Драмче било основано од некој дојденец од Драма што имал четири сина, кои ги раселил на овој простор. Иако не може да се утврди веродостојноста на ова предание, сепак интересен е податокот дека како дел од женската носија од Драмче е сината саја, која е карактеристична за женската носија од Драмско.
Беше врнежлив студен ден, а поводот за нашата посета на Драмче беше обновената спомен–соба на дедо Митко, првиот ороводец на надалеку познатото оро „Копачка“. Студеното и дождливо време не ги спречи селаните да го изиграат пред нас традиционалното оро, кое од неодамна стана дел од заштитеното нематеријално духовно наследство на УНЕСКО. Мажи и жени во традиционалните носии се нишаа на гумното сретсело, сите понесени од занесот на музиката и од ударите на тапанот. Како во минатото така и денес Пијанец има одлични игроорци. Својата дарба ја усовршувале заедно со чекорите на народното оро издигнувајќи го до високо уметничко совршенство.
Најдобриот игроорец и ороводец што потекнува од овој крај е Димитрија Станоевски, познат како дедо Митко од Белчанското маало во Драмче. Игроорските способности тој ги покажал многу рано, а љубовта кон музиката, народното оро и кон инструментите ја развил во родителскиот дом. Уште како дете научил да свири на ќемане и на гајда, а играл и по тактот на музиката. Како дете одел на селските собири и на свадби и со љубопитство ги следел најдобрите игроорци од Киселица, Селник, Ветрен и од Драмче. Селаните велат дека и неговиот татко Стоил бил талентиран игроорец и добар ќеманеџија.
– Дедо Митко не беше само игроорец. Тој во младоста беше почитуван ќеманеџија и гајдаџија, а во повозрасните години и одличен калемар, рибар, ловџија, човек што лекува и вади заби, но, пред сѐ, голем и хуман човек.Никому досега не му успеало на прагот на својата 93. година од животот да ја изведе и изигра „Копачката“, најбрзото машко македонско оро. Го нарекувале Стариот, Соколот од Драмче, но тој, пред сѐ, беше човек што ја љубеше играта, орото наше македонско – вели Димитар Узунски.
Со својата игра, но и како ороводец на групата, ја издигна „Копачката“ до ретко уметничко игроорно дело. Тој помогнал „Копачката“ да се издигне на повисоко ниво и да се мери со „Тешкото“, „Старо тиквешко“ и други македонски бисери.
– Во срцето ми е орото. Кога ќе умирам ќе ми биде жал за тапаните. И да умрам, пак ќе сакам да ги слушнам тапаните и да можам да ја заиграм „Копачка“ – велел дедо Митко.
Легендата на „Копачка“ отсега има своја спомен-соба во селото Драмче. Со средства од Министерството за култура беа уредени чардакот, ходникот и собата на дедо Митко во неговиот дом во Белчанска маала. Во рамките на поставката се изложени стари фотографии, објавени текстови во домашни и во странски весници, предмети и инструменти што ги употребувал, како и народните носии во кои ја играл и ја предводел „Копачка“. Овие предмети го карактеризираат како ороводец и духовен аналитичар на орото „Копачка“.
До спомен-собата, како и во домот и околу домот, се поставени дрвени табли со познати изреки на дедо Митко за орото. Сето ова што е презентирано овде ќе овозможи секој посетител многу да дознае и за животот на легендарниот дедо Митко и за „Копачка“.
– „Копачка“ е тешка и многу интересна игра инспирирана од тешкиот и мачен живот на македонскиот народ и ја симболизира обработката на земјата. Ова изворно оро се игра на тапан и има четири дела. Првиот е шетаница, кога се формира орото, на чиешто чело и на опашката застануваат најискусните игроорци, а понеискусните фаќаат место во средината. Вториот дел е наречен ситно, кога со ситни чекори орото се забрзува, а третиот дел е префрлачка, кога се префрлува левата нога пред десната и орото се враќа наназад. Последниот, најбрз дел се вика копнување. Во него и се застанува на десната нога, а со левата се копнува во земјата, со што игроорците креваат прав – ни раскажаа селаните.
Традиционалното машко оро „Копачка“ минатата година беше впишано на листата на УНЕСКО како заштитено културно богатство, со што стана второ македонско нематеријално културно наследство под заштита на УНЕСКО.
– Република Македонија на Репрезентативната листа на УНЕСКО прво го впиша своето културно добро, уникатниот верски обичај „Четрсе“ од Штипско, а сега и орото „Копачка“ стана дел од оваа листа. Сево ова е од големо значење за нашата земја бидејќи Македонија уште еднаш ги легимитираше сопствената култура, традиција и идентитет во меѓународни рамки. Впишувањето на „Копачка“ на листата на УНЕСКО уште еднаш ја потврдува различноста и уникатноста на македонската традиција, таква како што се градела низ богатото историско минато на македонскиот народ на овие простори – вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
(Пишува: Невена Поповска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 131. број на неделникот „Република“, 6.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.