Опозицијата секогаш има легитимно право да бара оставка од Владата и од поедини функционери, меѓутоа постапката за барање оставка е институционална и таа оди преку Собранието. Во мојата политичка кариера, СДСМ и други политички партии во повеќе наврати иницирале таква постапка и во една демократска процедура соодветните институции се изјасниле по однос на нивното барање.Вака одговори министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска на прес-конференција на новинарско прашање за барањето од СДСМ да поднесе оставка на функцијата.
– Мислам дека секогаш кога зборуваме за каков било тип на одговорност треба да се следи институционалниот пат на разрешување на прашањата или проблемите или одговор на сето она што можеби за некого е недоумица. И во конкретниот случај повеќе пати во јавноста се изјаснив дека најважно во овој момент е случаите кои се однесуваат на кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените во акцијата „Пуч“ да добијат институционална завршница – нагласи министерката за внатрешни работи.
Опозицијата, поточно нејзиниот лидерот соочен со исклучително сериозни сомневања за сторени тешки кривични дела, истакна Јанкулоска, врши активности кои се спротивни на законските прописи во Република Македонија, со помош на креирани материјали кои се прибавени на незаконит начин и се обидува да создаде впечаток во јавноста кој не кореспондира со реалноста.
На прашањето зошто МВР не го приведе Заев кога веќе е осомничен и против него има две кривичи пријави, Јанкулоска рече дека МВР работи исклучиво врз база на законските прописи и професионалните стандарди.
– Правиме проценка и анализа по конкретната ситуација. Не одговараме на хипотетички прашања и на претпоставени ситуации – посочи министерката за внатрешни работи.
Прашана дали нејзиниот глас е автентичен и дали се препознава во објавевните прислушувани телефонски разговори, Јанкулоска уште еднаш повтори дека Заев користејќи материјали прибавени на незаконски начин соочен со сериозна постапка против него за тешки кривични дела кои му се ставаат на товар со помош на креирани материјали се обидува да создаде реалност која не кореспондира со фактичката состојба.
Во однос на кривичната пријава против лидерот на СДСМ Зоран Заев, Јанкулоска појасни дека станува збор за класична корупција, во која осомниченото лице за стореното кривично дело во својство на службено лице на друго лице директно му барало подарок во значителна вредност за да заврши службено дејствие.
– Тоа е казниво според Кривичниот законик, и е коруптивно дело. Делото кај нас беше предмет на обработка подолго време, со оглед на тоа што оштетениот на крајот на 2013 година го пријави делото до надлежен јавен обивнител, а потоа по наредба на обвинителот спроведени се соодетни активности за обезбедување и документирање на докази и финализирање во однос на поднесување кривична пријава – појасни министерката Јанкулоска на прес-конференцијата.
На новинарско прашање дали постојат докази за корупција и дали постои можност да се работи за конструкција, Јанкулоска истакна дека МВР како институција е должна доказите да им ги предочи на истражните органи.
– Тоа е веќе направено и тие се дадени во прилог на кривичната пријава. Инаку, јавноста треба да има трпение и да го сочека институционалниот исход и на оваа и на секоја друга постапка, за која моѓеби постои поголем интерес – појасни Јанкулоска.
Таа не сакаше да ги коментира сите изјави на Зоран Заев, посебно затоа што, како што рече, тие се менуваат од ден во ден и зависат од неговото расположение или целта која тој ден треба да ја постигне.
– Самото споменување на лица на нивните семејства на митинг на неговата партија не би можело да се протолкува никако поинаку освен како директно закана кон лицата кои беа поименично споменати – рече Јанкулоска.
Во врска со дел од објавените прислушувани телефонски разговори за отворање на гласачките кутии, таа е децидна дека МВР нема никаква надлежност со гласачките кутии и упати на одговор по ова прашање на оној кој ги пласира таквите информации со креирани материјали.
Таа апелираше МВР да не се доведува во корелација со работи за кои нема никаква врска и за кои никогаш некој не се обратил до Министерството, ниту се случиле реално.
Јанкулоска за содржината на објавените прислушувани телефонски разговори кои се однесуваат на изборни нерегуларности апелирам до јавноста внимателно да ги следи случувањата и да донесе сопствен суд врз основа на фактите, а не врз основа на она што што го тврди опозицијата.
Прашана дали ќе го тужи Заев, Јанкулоска истакна дека кој кого и дали ќе тужи е личен избор и не е прашање во интерес на јавноста и поврзано со службената положба или извршување на наделжностите на Министерството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.