| четврток, 6 декември 2018 |

Големата сала во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе добие нов изглед

Министерството за култура го прифати проектот за финансирање на комплетно обновување и опремување на големата сала од Домот на културата „Марко Цепенков“, соопшти директорот Тони Чатлески.

Според него, ова ќе биде прво сеопфатно обновување на големата сала со капацитет од 600 седишта, но, како што рече, се уште не се знае колку ќе чини проектот.

– Колку ќе чини проектот ќе се знае откако ќе заврши тендерот кој е во тек, а работите ќе се изведуваат во текот на април и на мај оваа година. Салата опфаќа околу 600 метри квадратни и уште преку 300 метри квадратни колку што е сцената. Значи, ќе се обновува простор од близу 1.000 метри квадратни, вели Чатлески.

Тој појасни дека комплетно ќе се реновира салата со нов систем за загревање, што беше и најголемиот проблем, нови столчиња, нов под, обновена сцена и технички помагала за салата да биде модерна, современа и соодветна за сите културни настани што се случуваат во текот на годината.

Чатлески информира дека се очекува реновираната сала да биде готова во пресрет на годинашново јубилејно одржување на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој слави 50 години постоење.

– Салата ќе биде готова за големите настани: училишните сморти во мај и за годинашново 50-то издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој почнува во првата недела од јуни, нагласува Чатлески.

Според градоначалникот Марјан Ристески по 35 години откако е изграден Домот на културата ќе биде комплетно модернизирана големата сала.

– Прилеп ќе добие уште еден репрезентативен објект за одржување на бројните културни настани во годината, а радува фактот што за јубилејот на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ публиката ќе ужива во претставите во новиот амбиент, вели Ристески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top