За да се биде на листата на десетте најбогати фудбалери, составена од порталот goal.com, потребно е богатство од најмалку 80 милиони евра.
Меѓу 11. и 20. позиција се фудбалери, како Бастијан Швајнштајгер, Рио Фердинанд, Џиџи Буфон, Стивен Жерард, Јаја Туре, Франк Рибери, Франческо Тоти, Жерард Пике, Серхио Агуеро и Џон Тери, чиешто богатство се проценува меѓу 75 и 56 милиони евра.
Ова се десетте најбогати фудбалери во светот:
10. Френк Лампард – 80 милиони евра
Лампард успеа да заработи 35 милиони евра од играње 13 години во Челси и една во Манчестер сити. Неговото богатство, сепак, се проценува на најмалку уште толку. Освен тоа, во текот на годините тој имал рекламни договори со „Адидас“ и со „Најк“.
9. Роналдињо – 83 милиони евра
Четири години откако ја напушти Европа, Роналдињо продолжува да заработува добро. Последните две години тој игра во составот на Атлетико Минејро, каде што добиваше по 2,7 милиони евра. Неодамна тој се пресели во Мексико, каде што ќе заработува по 2,5 милиони евра. Главниот дел од богатството тој го направи од годините поминати во Барселона, како и од 10- годишниот договор со Најк, на вкупно над 20 милиони евра.
8. Раул – 85 милиони евра
Раул помина 16 сезони во Реал Мадрид, каде што во последните години добиваше по 7 милиони евра. Потоа тој играше две сезони во Шалке, за вкупно 14 милиони евра и две сезони во Катар за 10 милиони евра. Денес Раул е во Њујорк Космос, каде што, освен играч, тој е и тренер на младите таленти на тимот. Напаѓачот инвестира во недвижнини и обновливи извори на енергија.
7. Самуел Ето – 87 милиони евра
Речиси половина од богатството му е од двете негови години поминати во Анжи. Пред тоа тој заработуваше по 10 милиони евра во Барселона и по 5 милиони евра во Челси. Напаѓачот може да се пофали и со прилично добри рекламни договори со „Пума“ и „Форд“.
6. Кака – 96 милиони евра
Кака заработи 35 милиони евра од четирите години во Реал Мадрид. Годините поминати во Милан, исто така, многу придонесоа за неговото богатство. Денес Кака е најдоброплатениот фудбалер во САД и има договор со Орландо на 6,3 милиони евра. Ѕвездата има рекламни договори со Пепси, Адидас, Самсунг, Жилет, Армани и поседува имот на Менхетен, во Натал, Мадрид и во Милано.
5. Вејн Руни – 103 милиони евра
Капитенот на Манчестер јунајтед неодамна го обнови договорот и денес добива 18,9 милиони евра по сезона. Годишно тој заработува и по 5,4 милиони евра од рекламни договори со Најк, Самсунг и Харпер Колинс. Руни инвестира пари во тркачки коњи.
4. Златан Ибрахимовиќ – 105 милиони евра
Приказната на Златан почнува кога тој е продаден од Малме на Ајакс за 8,7 милиони евра на едвај 19 години. Тој денес игра за ПСЖ, играл уште и за Јувентус, Интер, Барселона и за Милан. Напаѓачот е рекламно лице на Нивеа, Икс бокс, Волво, Најк и др. Неговата автобиографија „Јас сум Златан“ беше издадена во 20 држави и му донесе нови 8 милиони евра.
3. Нејмар – 135 милиони евра
Минатата година беше доста успешна за Нејмар. Во Бразил се одржа Светското првенство во фудбал, а тој заработи 37 милиони евра од рекламни договори. Денес негови партнери се компании како Најк, Панасоник, Кларо, Унилевер, Фолксваген, Сантандер, Ред бул и др. Неодамна Нејмар го обнови договорот со Барселона и денес добива 8,8 милиони евра годишно.
2. Лионел Меси – 200 милиони евра
Меси е рекламно лице на компании како Adidas, EA Sports, Ooredoo, Samsung, Lay’s, Audermars Piguet, Gillette, Dolce & Gabbana, Head & Shoulders, Gatorade и др. Напаѓачот добива по 20 милиони евра по сезона од Барселона, без бонусите, и има солидно портфолио на недвижен имот.
1. Кристијано Роналдо
Роналдо добива 18,2 милиони евра годишно од Реал Мадрид. Негови спонзори се Тојота, Хербалајф, Емирејтс, Кастрол, Самсунг, Емпорио Армани, Конами, КФЧ и многу други, кои му носат богатство од 25 милиони евра годишно. Роналдо сака да вложува пари во автомобили, ноќни клубови и во недвижен имот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.