| четврток, 6 декември 2018 |

Да се работи со младите муслимани за да не заминуваат на фронтовите во Ирак и Сирија

ивз

Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли денеска беше во посета Исламската верска заедница (ИВЗ) каде што се сретна сореис-ул–улема ефенди Сулејман Реџепи. Поглаварот на ИВЗ информираше дека амбасадорот се интересирал за проектот на „Стоп терор“ и побарал да се работи со младите муслимани за нивно одвраќање од заминување на фронтовите во Ирак и во Сирија.

– Во нашата програма го има тој елемент да превенираме некој на младите да им го „пере мозокот“ да заминуваат на фронови во Ирак и во Сирија – рече поглаварот на ИВЗ.

Бејли нагласил дека дејствувањето на верските заедници треба да биде континуирано бидејќи Сирија, сигурно, нема да биде последниот фронт каде што ќе се собираат милитанти од целиот свет.

– Војните што се случуваат насекаде нѐ принудуваат да размислуваме за такви идеи за ресоцијализација на поединци, со цел човештвото да биде похумано во решавањето на судбината на лицата вклучени во овие бесмислени војни. Нашата амбасада на сериозен начин го анализира овој проект со цел да се види како може да помогне во нејзиното спроведување – рекол Бејли, се наведува во соопштението од ИВЗ.

Реисот, соопшти ИВЗ по средбата, го запознал амбасадорот Бејли со функционирањето на ИВЗ и нејзините органи, како и за нивната улога во организираниот верски живот во земјава.

Амбасадорот бил информиран за активностите на Агенцијата за издавање на сертификати за „ХАЛАЛ“ и на Хуманитарна организација „Хилал“ и за проблемите со кои се соочува ИВЗ.

Бејли, според ИВЗ, посочил дека во Македонија и во ИВЗ доаѓа како пријател и како пријател на соживотот во едно мултирелигиозно и мултиетничко општество, како пријател на демократијата.

– Доаѓам од земја – држава што има посебна историја и традиција, каде што сите се дел од една немнозинска религија. Но, кај нас, линијата на одвоеност на државата и на религијата е многу јасна. Кај нас Владата не може да се меша во религијата. Ова е гарантирано со Устав – рекол амбасадорот Бејли.

Поглаварот на ИВЗ на амбасадорот Бејли му врачил плакета „Златен Куран“ како спомен од првата посета на ИВЗ и во знак на добредојде во Македонија и благодарност за досегашната соработка со Амбасадата на САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top