Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека вооружените сили на Русија почнале воени вежби во реонот на јужните граници на земјата.
Предвидено е вежбите да траат до 10 август, а во нив да бидат вклучени повеќе од две илјади војници, како и 500 видови најразлично вооружување.
Вежбите се одржуваат во рускиот дел на Кавказ, како и во руските бази во Ерменија и во грузиските сепаратистички региони Абхазија и Јужна Осетија. Маневри се одржуваат и на полуостровот Крим, што Русија го анектира пред една година, по смената од власт на тогашниот украински претседател Виктор Јанукович.
На Западот, руските воени вежби се означуваат како „демонстрација на сила“ откако односите меѓу Москва и западните земји се на најниското ниво од времето по завршувањето на Студената војна поради украинската криза и конфликотот во источна Украина.
Портпаролот на руското Министерството за одбрана, Анатолиј Антонов, изјави денеска дека активностите на НАТО на границите на Русија далеку го надминуваат сето тоа што руската војска го има преземено.
– Земјите-членки на НАТО ја користат ситуацијата во источна Украина за сосема да се доближат до руските граници – рече Антонов.
Флота на НАТО влезе вчера во Црно Море за да учествува во поморските вежби, заедно со морнариците на Романија, Бугарија и на Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.