| четврток, 6 декември 2018 |

Од затвор и полиција до топoл семеeн дом

Во 1951 година државата ја национализира куќата и во неа се вселува кичевската полиција, а подрумските простории се претворени во затвор. Потоа, куќата добива друга намена како станбен простор и дом на полициски службеници со нивните семејства. Веќе на почетокот на 80-тите години на 20 век просториите на куќата почнуваат да се издаваат како станови за социјално загрозени семејства

Пред неколку денови во Кичево беше промовиран новиот лик на куќата-споменик на културата од прва категорија на ул. „Јанко Михајловски” број 11 и 13. Фасадата и покривот на куќата се реконструирани со 1.800.000 денари од Министерството за култура, како дел од проектот за заштита, реставрација и за конзервација на објекти од староградската архитектура во државата.

Оваа куќа е комплексна, од типот на двојна куќа со препознатливи архитектонски карактеристики, изградена меѓу двете светски војни, поконкретно во периодот меѓу 1932 година и 1934 година. Стилското оформување на фасадата е резултат на мешањето на стилски декоративни елементи и концепции под влијание на неоренесансата и на неокласицизмот. Со локацијата каде што е изградена, на судирот на две улици, габаритноста, како и со височината, придонесуваат за монументалниот изглед и неспорната претставителност на градбата.

 

reportaza130-3

 

Оформување на денешниот изглед на чаршијата во Кичево

Кичевската чаршија пред повеќе од еден век почнува да го добива денешниот изглед. По Првата светска војна, во Кичево особено се чувствуваат последиците од неа и градот станува уште позапустено место од претходно, кога било обична турска касаба. Во текот на доцните 20-тите и во 30-тите години, полека се развиваат занаетчиството и трговијата во градот. Почнува да се појавува слој на побогати граѓани, кој заедно со печалбарите што се враќале од Влашко (денешна Романија), Бугарија и од Србија, постепено влијаеле врз модерниот развој на кичевската чаршија. Овие граѓани, под влијание на архитектурата од земјите во кои престојувале, почнуваат со изградба на нови чорбаџиски куќи, во кои долниот дел бил наменет за дуќани, занаетчиски работи, кафеани или пекарници.

Една таква куќа е изградена меѓу двете светски војни од страна на познатиот кичевски трговец Ѓорѓија Николоски – Кутле. На левата страна од реката Сушица, на стотина метри од градскиот плоштад, во 1932 година овој трговец изградил автентична куќа, а во 1934 доградува уште еден дел во кој живееле со сопругата. Дел од приземјето бил наменет за кафеана, како и во повеќето чорбаџиски куќи од тоа време, а подрумските простории се користеле за чување вино, кое самиот Ѓорѓија го произведувал.

 

reportaza130-2

 

Различни намени во минатото, значајно културно наследство денес

По смртта на Ѓорѓи Николовски во 1949 година, државата ја национализира куќата и во неа се вселува кичевската полиција. Горниот дел бил искористен за канцеларии, а подрумските простории биле претворени во затвор. Полицијата го користи овој објект до 60-тите години. Потоа, куќата добива друга намена како станбен простор и дом на полициски службеници со нивните семејства. Веќе на почетокот на 80-тите години на 20 век просториите на куќата почнуваат да се издаваат како станови за социјално загрозени семејства.

Со законот за денационализација, наследниците успеваат да ја повратат куќата во своја сопственост, но поради семејни недоразбирања, во 2011 година ја продаваат на семејството Алиу, со што оваа куќа ја добива последната намена како семејно живеалиште.

– Многу сум задоволен што оваа куќа стана наша сопственост. Има одлична локација, а нејзината големина и дворно место се токму тоа што ни е потребно бидејќи сме голема фамилија. Особено сум среќен што моите внуци ќе растат во еден ваков дом – вели новиот сопственик Беќир Алиу.

Поради карактеристичната фасада, оваа куќа е избрана и заштитена како значајно културно наследство, но за изборот бил значаен и нејзиниот внатрешен распоред. Што се однесува до самата фасада, за неа е карактеристично што странично, на прозорците и на вратите се поставени декоративно обработени гравури, на кои во долниот дел има стилски оформени столпчиња со различна декоративна обработка. Меѓу приземјето и катот е поставен профилиран венец. Како декоративни елементи се издвојуваат четирите тимпанони меѓу горниот дел на куќата и покривот. На тимпаноните се појавуваат столпчиња со декорација од вегетација, а на горните странични делови е поставена по една ваза. Има вкупно четири балкони поставени над влезните врати кои се со стилски оформени столбчиња и се врамени со едноставни недекорирани столбови. Само балконот кој се наоѓа на северозападната страна од куќата е од ковано железо чија декорација е со разни геометриски форми.

– Таа беше еден од поубавите објекти во Кичево и по изглед и по местоположба. Многу генерации ја паметеа и сѐ уште ја паметат како посебен украс во центарот на градот. Кој и да поминува покрај неа, не може да остане рамнодушен. Добро е што новите сопственици се потрудиле да го зачуваат нејзиниот препознатлив и впечатлив стил со кој се издвојува од сите други објекти – вели еден од кичевските граѓани.

Во периодот од национализацијата, па до денес, се вршени повеќе промени на надворешниот изглед на куќата. Со оглед на тоа дека овој објект долго време бил заборавен, постои видно оштетување на надворешниот изглед. Поради ова, новите сопственици се обратија со барање за финансиска помош до Министерството за култура и Заводот за заштита на културното наследство, а овие институции позитивно одговорија на барањето и обезбедија финансиски средства за реконструкција на фасадата и на покривот.

– Кога ја купивме куќата, таа беше во многу лоша состојба. Покривот во голем дел беше оштетен и при дожд и снег постојано влегуваше вода во куќата. Од влагата беше уништена и фасадата, малтерот испаднат, а вo јужниот дел на куќата имаше дупки во ѕидовите. Прозорците и вратите беа извадени или оштетени, како и целата дрвенарија во внатрешниот дел. Токму поради ова се обративме до Министерството за култура и до Заводот за заштита на културното наследство. Ни беше потребна стручна и финансиска помош. За среќа, наидовме на разбирање и оваа куќа беше вклучена во програмата на Владата и Министерството за култура за реставрација и за заштита на објекти од староградската архитектура во државата. Со помош на добиените финансиски средства успеавме во целост да ги обновиме покривот и надворешниот изглед на куќата, а главната цел беше да се зачува нејзината автентичност и оригиналност – раскажува Алиу.

Според проектот изработен од Националниот конзерваторски центар – Скопје, беа изведени конзерваторско-реставраторските работи на фасадата и на покривот, со што објектот го доби својот оригинален и автентичен изглед. Пред извесен период, со изработката на елаборатот за валоризација од страна на Националниот конзерваторски центар, куќата се здоби со утврденото својство – значајно културно наследство.

 

(Пишува: Јана Јосифоска
Текст објавен во 130. број на неделникот „Република“, 27.02.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top