| четврток, 6 декември 2018 |

„Слабинк НВ“ нов инвеститор во Македонија

unnamed (1)

Реномираната белгиска компанија „Слабинк НВ“ е новиот инвеститор во Република Македонија.

По неколкумесечни успешни преговори со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, компанијата одлучи да инвестира во општина Гази Баба, каде што за почеток веќе е обезбедена хала и работен простор во површина од околу 900 квадратни метри, кој наскоро се планира и да се прошири. Компанијата, која има свое седиште во градот Бриж, во провинцијата Западна Фландрија, се занимава со ласерско сечење и обработка на метали, а воедно е и еден од најголемите клиенти на веќе присутен инвеститор во една од технолошко-индустриски развојни зони.

На денешната средба во Скопје меѓу  косопственикот и главен извршен директор на компанијата, Лук Слабинк, и заменик-директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шекеровски, беше официјализирана новата инвестиција.

– Задоволство ми е што имам можност, заедно со господинот Слабинк, да ја информирам македонската јавност за влезот на уште една реномирана компанија која станува интегрален дел од домашната економија. Со влезот на белгиски „Слабинк НВ“ (Slabinck NV), што за нас како владин тим претставува валоризација на сиот досегашен ангажман и напори за нивно убедување да дојдат во Република Македонија, ќе се отворат нови можности за вработување на нашите граѓани, но и можност за деловна соработка со голем број локални коминтенти. Значајно за нас е и тоа што во оваа почетна фаза опремата и машините се набавени од домашни компании, а во натамошниот период ќе следува и проширување на просторот и негово доопремување со најсовремена машинска технологија. Според најавите на инвеститорот, се очекува вредноста на целокупната инвестиција да достигне околу 3 милиони евра. Денешниот настан е само потврда на успешната политика на Владата за привлекување странски компании кои ја избираат Македонија како своја дестинација за бизнис – рече Климент Шекеровски.

Слабинк во втората половина од 2014 година остварил средба со Шекеровски и со неговиот тим од Агенцијата за странски инвестиции во Скопје, кои, како што нагласи, со својата професионалност и континуирана поддршка во сиот изминат период, му овозможиле полесно, заедно со своето семејство, да донесе одлука за почнување нов инвестициски проект во, за нив, една релативно непозната земја.

– Би сакал да упатам благодарност до Шекеровски и неговиот тим за овозможената поддршка и сигурен сум дека ова ќе биде добра препорака и за моите деловни партнери од Белгија и пошироко за инвестирање во Македонија каде што наидовме на одличен прием – вели  Слабинк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top