| четврток, 6 декември 2018 |

Никој не е над законот

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Иако сликата за аферите „Пуч“ и „Бомба“ полека почнува да ја добива формата, сепак сѐ уште е рано да си дозволиме да донесеме некоја конечна оцена пред да ги составиме последните делови од сложувалката. Од тоа што неделава го проследивме со разочарување, е неверојатниот излив на гнев кај Заев и блискиот круг поддржувачи на неговата деструктивна политичка стратегија. Во обид да се претстават голите зборови на Заев како факти поради недостиг од докази, медиумите на Сорос и партиските активисти преку социјалните мрежи отворено упатуваат закани и шират говор на омраза кон секој што ќе се дрзне да постави логично прашање на кое нема логичен одговор во сценариото што го применува опозицијата. Колку што се погласни опозициските труби во навредите и во заканите, толку е понесфатлив молкот на организациите што се декларираат како големи борци против насилството и говорот на омраза.

Ако на сево ова го додадеме намерното одолжување на презентирањето на таканаречените бомби, лесно може да се сфати дека случувањата се дел од планот според кој треба да се испровоцира судир меѓу Македонците, а може да премине и во крвопролевање, за на крајот да се отвори простор за некој „поразумен“ западен посредник, кој ќе ги освести „нецивилизираните Балканци“ и ќе ни каже што е најдобро за нас.

Голема грешка во спроведувањето на сценариото беше обидот да се претстави Љубе Бошковски како жртва на системот. Видеата што ги видовме на „Јутјуб“ ја урнаа тезата и ни ја прикажаа вистинската слика за овој човек, кој за пари е подготвен да ги продаде најсветите работи на Македонецот. И тука завршува неговата приказна.

Во овој случај, освен што видовме за колку малку се продаваат националните интереси, увидовме уште една многу важна работа, а тоа е дека едностраното гледање на работите може и тоа како да ја искриви перцепцијата на случувањата.

Затоа, не случајно, уште од самиот почеток на аферата „Пуч“ предупредуваме дека „во склопувањето на големата слика нема да помогне едностраното гледање на работите, лековерното прифаќање на секое неаргументирано обвинување, комуницирањето со навреди и со закани место со факти и со аргументи“.

На тие што, навистина, ја сакаат вистината ќе им требаат многу трпение и нерви за внимателно да ги состават делчињата од целата приказна, но на крајот верувам дека можат да донесат објективна пресуда.

Колку и да изгледа тешко да се одолее на шпекулациите и на извртувањата, тоа е единствениот вистински начин да се избегне сценариото што го посакуваат тие што не му посакуваат добро на македонскиот народ.

Во меѓувреме, сите очекуваме судот да почне отворена постапка во која македонската, но и светската јавност ќе ја чујат целата вистина за „пучот“ и за „бомбите“. Тоа е единствениот можен начин на кој смее да се расчисти аферата затоа што никој во државата не е над законот и покрај „очекувањата“ на Заев случајот да добие политичка разврска со вклучување на посредници.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top