
Зоран Заев веќе подолг период објавува креирани материјали кои ги добил на незаконски начин и нивното објавување го прави во една незаконска постапка. Во таа смисла не би сакала да ги коментирам материјалите што тој незаконски ги поседува, посебно ако се земе предвид фактот дека тој е еден од лицата кои се осомничени со тешко кривично дело кое секако дека треба да добие институционална завршница.
Ова е одговорот од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на новинарско прашање во врска со објавените аудиоснимки од прислушкувани разговори меѓу неа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– Меѓутоа, доколку која била од институциите смета дека во една правна постапка е потребна моја изјава, јас сум подготвена сето она што го имам да го кажам да го кажам пред институциите, нагласи министерката Јанкулоска, која денеска ја посети локацијата каде ќе се гради новиот објект на Полициската станица Ѓорче Петров.
На новинарското прашање дали по објавените снимки од телефонски разговори смета дека се уште има легитимитет да бидете министер за внатрешни работи, Јанкуловска децидно одговори со „да“.
Во однос на тоа дали ќе поднесе оставка бидејќи двајца вработени илегално прислушувале со техника на МВР, на чие чело е таа, ставот на Јанкулоска е дека најважно во овој момент е случајот да добие правна институционална завршница.
Таа потсети дека е факт оти веќе има една судска пресуда каде еден од сторителите во целост го признава делото.
– Понатаму таа судска пресуда која во моментов е јавно објавена ќе биде, претпоставувам, предмет на анализа и на стручната јавност, но и на граѓаните, така што во функција на целосно завршување на постапката против останатите осомничени јас не би сакала да давам повеќе информации отколку што тоа е можно во оваа фаза од правната разрешница на случајот. Но, верувам дека во моментот кога целиот случај ќе добие една институционална правна завршница голем дел од прашањата што се поставуваат ќе бидат одговорени и на јавноста и на експертите од оваа област, изјави министерката Јанкулоска.
Таа не сакаше да коментира, како што рече, креирани материјали кои се објавуваат на незаконски начин и кои, според признанието на оној кој ги објавува, се прибавени на незаконски начин.
– Тој се соочува со една многу сериозна постапка пред институциите во Република Македонија која треба да добие правна разрешница. Доколку јас добијам покана од надлежните институции да дадам коментар, или мислење или изјава по однос на кој било аспект од оваа или некоја друга истрага јас стојам на располагање и тоа ќе го направам, рече Јанкулоска, одговарајќи на новинарското прашање дали си го препознала гласот во објавените прислушувани разговори.
На прашањето дали чувствува политичка одговорност во однос на фактот што безбедносниот систем е пробиен, Јанкулоска потенцира дека како раководство на МВР, меѓутоа и како Влада на Република Македонија секогаш се прават максимални напори во доменот на надлежностите да се преземат мерки и активности во функција на подобрување и на безбедносната состојба и во зацврстување на темелите на безбедносниот систем.
– Фактот што и најразвиените држави во светот, почнувајќи од Америка, Германија, Велика Британија и ред други да не ги набројувам, се соочиле со слични предизвици, покажува дека ова е едно сериозно прашање за кое современите безбедносни системи до денешен ден не успеале да најдат стопроцентен одговор. Меѓутоа, тоа не значи дека ние нема да продолжиме да преземаме активности во насока на зајакнување на безбедносниот систем. Впрочем, фактот што за разлика од некои други држави каде што имало слични ситуации, меѓутоа немало правна процедура, зборува дека сепак институциите во Република Македонија се навистина на задачата во смисла на откривање на сторителите. Јас не би сакала да брзам со констатации, квалификации или давање повеќе отколку што би смеела да дадам информации за предметот кој е во една друга постапка. Верувам дека кога институциите во чија надлежност сега се наоѓа предметот ќе излезе со конкретни податоци, а на јавноста, на граѓаните и на сите нас многу прашања ќе ни бидат одговорени што можеби во моментов не можам да ви одговорам, појасни министерката за внатрешни работи.
Дали е доведена во прашање безбедноста на земјата доколку продолжи објавувањето на вакви аудиоснимки, беше новинарското прашање на кое Јанкуловска одговори дека ова што го прави лидерот на опозицијата е нешто невидено во светот, во светски стандарди и светски рамки.
– Јас не би можела да прејудицирам што планира да објави и на кој начин ќе го направи тоа затоа што тој ја презел улогата да оценува кој што направил и дали направил нешто врз основа на креирани материјали кои ги добил на незаконски начин. Меѓутоа, секако дека ваквото негово однесување го нарушува имиџот на Република Македонија, ја нарушува атмосферата во земјата бидејќи тој директно се закани на барем 26.000 луѓе за кои тврди дека доколку не се однесуваат на начин на кој тој посакува, во секој момент ќе објави нешто што ним нема да им се допадне, истакна министерката Јанкулоска.
Министерката за внатрешни работи Јанкулоска уште еднаш повтори дека се работи за незаконски материјали кои, според неа, се креирани во функција на постигнување на политичка цел на една политичка партија која нема што друго да им понуди на граѓаните.
– Јас мојот став по однос на политиките на Владата многу јасно и недвосмислено го кажувам и ќе го повторам. Сметам дека Владата предводена од премиерот Никола Груевски за овие години во неколкуте мандати кои ги добивме од граѓаните успеа да направи историски пресврт во смисла на подобрување на состојбите во различни сфери од општественото живеење, почнувајќи од економијата, здравството, образованието, па ако сакате и конкретно во областа на безбедноста. Безбедносните сили никогаш не биле толку поддржувани од која било друга влада историски гледано досега и никогаш толку не се инвестирало на пример во опрема на полицијата, кадровско подобрување на капацитетот и сето она што на безбедносните структури им е потребно за непречено да функционираат, рече Јанкулоска.
На прашањето дали уште полицајците спијат на ќебиња од ЈНА, Јанкулоска ја коментираше состојбата во МВР, при што подвлече дека никогаш како сега не било толку многу инвестирано во обезбедување опрема и во обезбедување средства за работа на полицијата.
– И денешниов настан каде што после 50 години во општината Ѓорче Петров се инвестира во изградба на комплетно нова полициска станица по сите безбедносни и архитектонски стандарди зборува за односот на оваа Влада кон безбедносниот систем, кон припадниците на безбедносните сили и воопшто кон спроведувањето на политиките за кои сме добиле легитимитет на избори, рече Јанкулоска.
За барањето од градоначалникот Андреј Жерновски да ја напушти функцијата министер за внатрешни работи, затоа што се уште не е разрешен случајот со протестите пред општина Центар, Јанкулоска рече дека градоначалникот на Центар очигледно има недостаток на идеи и на проекти и бара оставка за настан, кој од една временска дистанца е настан по кој, подвлече, излеговме на избори, повторно ја добивме довербата.
– Јас лично како актуелен министер повторно ја добив довербата и од Собранието и добив нов мандат за министер за внатрешни работи, што значи во една демократска држава гласот на мнозинството е оној којшто одлучува. Јас разбирам дека можеби тој не се согласува со начинот на кој јас ја извршувам мојата работа и тоа е легитимно право на опозицијата. Меѓутоа очигледно е дека мнозинството и после тој настан го поддржа ВМРО-ДПМНЕ на избори, ВМРО-ДПМНЕ убедливо ги доби изборите, се формираше нова Влада во која јас повторно бев избрана од страна на легитимните институции за министер за внатрешни работи, нагласи Јанкулоска.
Инаку, по однос на конкретниот настан, таа истакна дека МВР во доменот на надлежностите ги има преземано сите мерки и активности во функција на расчистување правно на настанот кој беше пријавен.
На новинарско прашање поставено до градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, како ги гледа министрите кои во објавените разговори за него употребуваат тешки обвинувања и навреди дека креира криминал, тој изјави дека како претседател на ЗЕЛС се бори сите општини да имаат еднаков третман кај централните органи.
– Не би сакал да ги коментирам, со оглед на тоа, како што кажа министерката, што се нелегални документи.Со министерката сме имале добра соработка, имаме добра соработка и ќе имаме и понатака во интерес на реализација на проектите коишто се од заеднички интерес на граѓаните. Денешното наше појавување овде не е само симболично, туку е плод на една, да речам, повеќегодишна комуникација, соработка, убедување, може и различни мислења. Какво е нашето мислење еден за друг тоа е помалку важно, важно е кога работиш на проект сепак си ја извршуваш функцијата и си доследен на она за кое што си избран, изјави Трајановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


