| четврток, 6 декември 2018 |

Јолевски: Армиските волци и ренџери да останат мотивирани и подготвени

jole

Полкот за специјални операции (ПСО) при АРМ денеска во касарната „Илинден“ одбележа 21 година од основањето. На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, заменикот на началникот на ГШ на АРМ  генерал-потполковник Насер Сејдини, командантот на ПСО бригаден генерал Васко Ѓурчиновски и претставници од Министерството за одбрана.

Министерот Јолевски, на армиските волци и ренџери, во својот говор им порача да останат мотивирани  и подготвени како досега во извршувањето на најсложените задачи.

– Вие и сите други припадници на Армијата на Република Македонија сте темелот на сувереноста и територијалниот интегритет на Македонија. Тоа е голема обврска и патриотска должност која граѓаните на Република Македонија неизмерно ја ценат. Ве повикувам по тоа да останете и во иднина – истакна Јолевски.

Министерот ја истакна важноста на единицата за која, како што рече, Македонија, но и целета меѓународна заедница имаа прилика да се уверат во подготвеноста на припадниците на Полкот кои со успешното извршување на мисиите во Ирак и Авганистан во пракса ги применуваа стекнатите знаења и вештини.

Баталјонот за специјални намени е формиран на 1-ви март 1994 година кој беше основната единица при формирањето на одредот за специјални намени, кој подоцна се трансформира во ПСО. Со формирањето на оваа единица, АРМ ја започна професионализацијата, а во составот на ПСО од неговото формирање до денес, се наоѓаат професионални војници.

Кандидатите за прием во ПСО поминуваат строги критериуми на селекција, со кои од нив се бара висок степен на психофизичка подготвеност, како за старешините, така и за професионалните војници.

Основната мисија на ПСО е изведување на специјални операции во мирновремени и во услови на конфликт, борба против тероризмот и други дополнителни активности. Покрај ова, една од задачите на ПСО како дел од декларираните сили на АРМ, е учество во меѓународни операции за поддршка на мирот, како и превенција и справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, ООН и ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top