| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се конфискуваат имотите на обвинетите во случаите „Јака табак“ и „Тутунски комбинат – Прилеп“

Државата почнала процедура за одземање на нелегално стекнатите имоти на обвинетите за шверц на цигари во случајот „Јака табак – Радовиш“ и во случајот „Тутунски комбинат – Прилеп“, соопшти портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

-По правосилноста на пресудата во случајот за криминал во тутунскиот бизнис, сторен во „Јака табак – Радовиш“, пресуда со која е констатирано дека раководството, односно директорите на оваа фирма, како и поранешениот директор на стоковите резерви Радован Поповски, и други 13 лица, во периодот од март 2001 година до март 2007 година повеќе пати извршиле нелегални активности, малверзации при производство на цигари и тутун, притоа изигрувајќи ги законските процедури, покрај тоа што сторителите се осудени на затворски и условни казни, дополнително осудената група се обврза и задолжи солидарно да ја надомести штетата од незаконското работење во износ од 161 милион денари, или околу 2,5 милиони евра штета која е предизвикана кон Република Македонија – соопшти Ѓоргиев.

Агенцијата за управување со конфискуван имот веќе почнала со постапка на лоцирање и процена, и комплетен попис на нелегално стекнатиот имот на обвинетите по што ќе уследува конфискација на имотот на осудените.

–          Во вториот случај за „Тутунскиот комбинат – Прилеп“ првообвинетите, односно екс-директорите на „Тутунски комбинат“, Тони Мицајков, Димитар Богдан и управителот на „Тутунски комбинат“, Илија Нунески, како и шефот на обезбедувањето Круме Спиркоски, и уште други седум лица беа правосилно осудени со затворски и условни казни, и беше констатирано дека во периодот од 1.1.2005 година до 31.3.2006 година извршиле кривично дело даночно затајување, со што го оштетиле буџетот на државата во износ од 456 милиони денари, или над 7 милиони евра – рече Ѓоргиев.

Правобранителството успеа во судска постапка да докаже дека раководните лица на „Тутунскиот комбинат – Прилеп“, преку организирање единаесет члена, се обиделе целосно да го одбегнат плаќањето акциза и данок на додадена вредност.

– Средствата од одземениот имот и во двата случаи на тутунски криминал, како и во другите случаи, одат во буџетот и со нив, наместо да одат во приватни лични џебови, ќе се задоволуваат потребите на граѓаните и ќе се користат за образовни, здравствени, инфраструктурни потреби на граѓаните, за плати, пензии и останати потреби. Ова се два случаи на расветлување на тутунскиот криминал во кои правдата се спроведува на дело, што е доказ дека нема калкулации ниту никаков простор за колебање во борбата против криминалот – рече портпаролот на Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top