| четврток, 6 декември 2018 |

ТАВ: Нови 17 дестинации и 75 отсто повеќе патници на аеродромите

Пораст за 75 проценти на бројот на патниците на аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Св.Апостол Павле“ во Охрид и 17 нови редовни авиолинии регистрира „ТАВ Македонија“ во изминатите пет години откако го презеде менаџирањето со македонските аеродроми.

Од 729.297 патници во 2010 година лани вкупната бројка достигна 1.278.343 патници. На скопскиот аеродром растот на превезенеи патници е за 76,7 проценти, од 684.905 во 2010, на 1.210.509 минатата година.

Според Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“, компанијата постигнала значителен развој во авиосообраќајот во Македонија. – Денес од Скопје може да се лета кон вкупно 26 дестинации во Европа и една кон Дубаи, што е значајна разлика во однос на состојбата која беше затекната во 2010-та, кога главниот град имаше воздушно поврзување со само 10 градови, рече денеска на средба со новинарите Крстевски.

Во истиот период, додаде, и бројот на авиокомпании кои летаат од „Александар Велики“ е повеќе од двојно зголемен. Моментно од  Скопје летаат 12 авиопревозници, од кои три се нискобуџетни. Со петте нови дестинации од Скопје и двете од Охрид, кои од средината на годинава ќе ги воспостави „Визер“, како и уште неколку нови рути од „Александар Велики“ кои се во најава, менаџментот на „ТАВ Македонија“ очекува годинава да ја заокружи со десетина нови авиолинии, што ќе придонесе за натамошен пораст на вкупниот авиосообраќај.

Според договорот за субвенционирани нискобуџетни летови што во јануари годинава го потпиша македонската Влада со „Виз ер“ од крајот на јуни и почетокот на јули ќе има летови од Скопје до Барселона, Осло, Хамбург, Нирнберг, Фридрихсхафен, како и од аеродормот во Охрид до Базел. Дополнително, како што рече Крстевски, од 4 април ќе има линија за Женева и заедно со чартер линиите во тек на летните одмори можеме да кажеме дека се зголемува понудата на директните линии, што е значителна разлика од 2010 година кога го презедовме управувањето со аеродромите.

Дел од идните планови, посочи Крстевски, е да успееме скопскиот аеродром да го промовираме во регионален центар во авиосообраќајот во кој ќе се зголеми бројот на патници од регионот, а ќе се овозможат и транзитни патувања.

Во последните пет години вкупниот карго-сообраќај на двата аеродроми во Македонија, според статистиката, се зголемил за 57 проценти. Карго сообраќајот во минатата година на скопскиот аеродром се зголемил за 33 проценти или од 2.686 тони во 2013, лани авионски биле превезени стоки тешки 3.580 тони.

– Во самата градба на аеродромот влезе и изградба на нов карго терминал со капацитет од 40.000 тони што овозможува голем промет на стока. Со развојот на економските зони се зголеми и интересот на странските компании своите производи да ги пласираат со авиони и тој тренд се одразува и во севпкупниот пораст што значи 33 проценти во однос на претходната година, рече Крстевски.

Бројот на операции на воздухоплови лани се зголемил за 16,3 проценти, на вкупно 13.147 полетувања и слетувања. Во првите десет месеци од минатата година скопскиот аеродром прв пат достигна милион превезени патници, а годината ја заврши со 1,2 милиони патници, што е 23,2 проценти зголемување во однос на 2013 година. Според плановите на менаџментот на ТАВ Македонија, годинава бројот на патници треба да достигне или надмине 1,5 милиони, а потоа да продолжи постепено зголемување до достигнување на капацитетот на аеродромот од 3 милиони патници.

Според статистиката на ТАВ Македонија, моментно најфрекфентна дестинација од аеродромот во Скопје е Истанбул, со 15,7 проценти пазарен удел, а по неа следат Виена, Цирих, Базел-Милхаус, Малме, Лондон-Лутон и Белград. Топ-држави со директни летови се Турција (17,25 проценти пазарен удел), Германија (14,46  проценти), Швајцарија(13,75 проценти), Шведска (11,52 проценти), Австрија (8,2 проценти) и Италија (7,6 проценти). Нискобуџетната „Визер“ лани превезла најголем број патници со 46,3 проценти пазарен удел, а по неа следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Ер Србија“, „Пегасус ерлајнс“ и „Еделвејс“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top