| четврток, 6 декември 2018 |

Судиите со знакот на ФИБА со реакција до клубовите: Срамно е да се бараат грешките во туѓите редови

Македонските кошаркарски судии со знакот на ФИБА кои ја делеа правдата на завршницата од Купот на Македонија, Петар Денковски, Александар Милојевиќ, Игор Митровски, Александар Павлов, Зоран Митровски и Алија Феревски, со соопштение до јавноста како реакција на претходните обвинувања од МЗТ Скопје и Кожуф во врска со судењето во на полуфиналните натпревари на фајнал-фор турнирот.
Соопштението ви го пренесуваме во целост.

– Со оглед на последните случувања во кошарката, посебно по натпреварите од Купот на РМ, а како повод соопштенијата кои излегоа во медиумите, чувствуваме потреба да се обратиме на спортската, кошаркарска јавност. Не со цел да влегуваме во нови полемики и толкувања, туку со цел некои случувања да бидат појасни и реално прикажани.
Во врска со делегирањето на судиите како во последниот период така и за куп натпреварите клубовите донесоа одлука да делегирањето на судиите се врши по пат на ждрепка, не по пат на делегирање. И согласно тоа, одлуката кој ќе биде судија на натпреварот МЗТ – Кожув или кој било друг натпревар, беше одредена по пат на ждрепка, во присуство на комисија и на претставници од клубовите, и немаше никаква можност некој да влијае или да ги делегира судиите.

Јавно да се квалификува судија во навредлива и негативна конотација е сериозна клевета. Не само насочена кон поединци туку и на професијата во целост. А посебно кога се однесува за меѓународни судии, високо ценети во кошаркарска Европа, како и јавни личности интелектуалци кои се мошне ценети и успешни во општествениот живот, и тоа може единствено да се протолкува на тој начин од оние кои не ги познаваат нивните човечки и стручни квалитети, или од оние кои евидентно имаат други мотиви освен спортските.

Мислењето на клубовите секогаш е мошне битно за нас, но се прашуваме со сета почит, зар е толку битно за клубовите а одредени прашања како што се – како се рангирани судиите, нивната статистика и оценување, дали некој судија судел 5 или 12 натпревари, дали биле отсутни од Македонија, поради меѓународни ФИБА, УЛЕБ, БИБЛ натпревари, бизнис, здравствени или други причини… Зарем со тоа треба да се занимаваат клубовите, зарем е тоа битно за успешно функционирање на клубот или, пак, тоа е должност и обврска на независните стручни комисии?

Судиите се дел од спортскиот настан, како и другите актери. Зарем судиите не можат да погрешат, зарем тренерите, играчите, другите не прават грешки?
Сите грешиме и не е срамно да се погреши. Срамно е да се бараат грешките во туѓите редови. Многупати сме сведоци толкувањето на грешките да е мошне субјективно и нереално, при што многу пати се користат различни методи со цел да се оправдаат сопствените грешки.

Ние како судии никогаш немаме намера ниту сакаме некого да оштетиме. Нема полошо од горчината или непроспиената ноќ по направена грешка, пропуст или пропуштена одлука, и секогаш сме отворени за анализа и дискусија со сите инволвирани страни.

Ако се навратиме малку назад ќе се присетиме како беше порано, и како медиумите и другите инструменти се користеа за правење притисок и атмосфера да се оправдаат постапките и остварување на целта. Без разлика дали се оправдани или реални, зар сакаме да се вратиме во минатото?

Се поставува прашањето зошто не ги почитуваме правилата и прописите?
Клубовите имаат право по секој натпревар да вложат жалба и да се информираат телата и органите во Здружението и федерацијата за одредени пропусти. И да се постапи во согласност на правилата и процедурите, а не како што вообичаено се случува реакциите да дојдат неколку дена по случувањата, при што секако се создава сомнеж на позадината на реакциите и води на поинакво размислување,

Треба да бидеме свесни на искажаната јавна реченица и какви само влијанија и негативни последици може тоа да донесе, при што ги доведуваме во опасност освен актерите во кошаркарската игра и нивните семејства, така и оние за кои се игра кошарката, а тоа е публиката.

Знаеме дека постои правилник кој сите вакви работи ги регулира и санкционира. Апелираме до сите субјекти во кошаркарскиот спорт, и во интерес на кошарката и регуларноста на првенството, веднаш да се прекине со ваквата политика на вршење притисок и решавање на проблемите и сите работи каде што им е местото, на кошаркарските терени и преку телата и институциите на системот, а прекршителите да се казнат.

Целта на ова соопштение е една и единствена, да го задржиме достоинството, дигнитетот, угледот и имиџот. Не само на судиите туку и на сите актери во кошаркарската игра , и да го вратиме имиџот на кошарката на тоа ниво како што само овој племенит спорт го заслужува.

Со почит на сите кошаркарски учесници и љубители на спортот.

ФИБА меѓународни судии од Македонија,
Петар Денковски, Александар Милојевиќ, Игор Митровски, Александер Павлов, Зоран Митровски, Алија Феревски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top