Европската унија може да воведе нови санкции кон Русија, доколку проруските сепаратисти го нападнат украинското пристаниште Мариупол, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус.
– Проблемот сега е конкретно околу Мариупол. Ние јасно им даваме до знаење на Русите дека доколку има сепаратистички напад во насока на Мароупол, работите драстично ќе се изменат, вклучувајќи ги санкциите, рече Фабиус.
– Прашањето за санкции може повторно да биде покренати на европско ниво, додаде тој.
Фабиус вчера во Париз се сретна со своите колеги од Русија, Украина и Германија, при што тие повторно упатија апел за почитување на често пати нарушуваната спогодба за прекин на огнот.
По средбата украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин изрази стравување дека Мариупол може да биде следната голема цел на бунтовниците.
Преземањето на градот, кој има 500 илјади жители, може да отвори коридор кон југ, вклучувајќи и кон Кримскиот Полуостров, кој веќе е анектиран од Русија.
Фабиус истакна дека Франција не планира да му доставува оружје на Киев и оти засега не планира да испраќа воени инструктори во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


