| четврток, 6 декември 2018 |

Во Скопје вчера 14 сообраќајки, во две има загинати лица

soobracajka-1

Фото: Архива

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 14 сообраќајни незгоди.

Од нив, четири се со последица материјална штета и осум се со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле девет лица.

Се случиле и две сообраќајни незгоди со загинати лица. Првата се случила во 17 часот и 44 минути на локалниот пат с. Долно Лисиче – с. Горно Лисиче во која учествувало патничко моторно возило „југо“ со скопски регистарски таблички, граѓанин на Скопје. Тој кога дошол во близина на приватната фирма „Феником“ во атарот на село Горно Лисиче со возилото излегол надвор од коловозот и со предниот дел од возилото удрил во растително дрво. Во незгодата возачот се здобил со тешки телесни повреди и истиот со возило на Брза помош е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ поради укажување на лекарска помош каде е констатирана смрт.

Втората незгода се случила во 19 часот и 5 минути во близина на главната капија на фабриката „Железара“ во која учествувало патничко моторно возило „рено“ со скопски регистарски таблички, управувано од жител на Сопиште. Истиот движејќи се по ул. „16 Македонска бригада“ во насока од дирекцијата на „Макстил“ кон крстосницата од ул. „Коце Металец“ со предниот дел од возилото удрил во телата на двајца пешаци. Во незгодата едното лице починало на лице место, а другото со возило на Брза помош било пренесено во Ургентниот центар каде му е укажана лекарска помош и истото е задржано на понатамошно лекување.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 28 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, шест возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, како и 18 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 52 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе одржи едукативни предавања во средните училишта на тема „Влијанието на алкохолот, дрогата и психотропните супстанции врз безбедноста на патниот сообраќај“ со учениците од прва и втора година.

Денеска со почеток во 10 часот и 30 минути пред зградата на МТСП Здружението на граѓани „Градиме иднина“ ќе одржи мирен протест. Со цел непречено и безбедно одвивање на овој протест од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top