| четврток, 6 декември 2018 |

Дури 476 невработени ќе добијат стручно знаење и вештини

Министерот за труд и за социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски на конференција за медиумите информираа за мерката „Обука на работно место со субвенционирано вработување“, од Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активните програми и мерки за вработување за 2015 година.

Целта на оваа мерка е здобивање на стручни знаења и вештини за извршување на работните задачи и поттикнување вработување на евидентирани невработени лица, кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот таканаречени ранливи категории на невработени лица.

Оваа програма е комбинација од здобивање стручно знаење и вештини за подобрување на продуктивноста на поединците и финансиска поддршка – субвенција за нивното вработување. За оваа програма се обезбедени 63.000.000 денари од Буџетот на Република Македонија.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информираше дека предвидениот опфат на корисници се 476 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Приоритет ќе имаат следниве категории невработени лица:
– лица на возраст 50-55 години, лица со основно образование и помалку
– корисниците на социјална помош
– млади лица до 29 години со ниски квалификации,
– жртви на семејно насилство,
– деца без родители и родителска грижа,
– бездомни лица, поранешни корисници на дрога,
– родители на деца на улица, самохрани родители, Роми,
– невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку 1 година,
– млади невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку шест месеци, родители на деца со пречки во развојот
– како и родители на 3 и повеќе деца.

Обуката на работното место ќе трае три месеци. Работодавецот е должен да ја спроведе програмата врз основа на претходно подготвен план за обука и на учесниците во обуката да им издаде потврда за спроведената практична обука.

Обучуваните лица ќе добијат 6.200 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.

По завршување на обуката на работното место, работодавачот е обврзан да ги вработи сите обучени лица за што ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка за бруто-плата во износ од 19.000 денари месечно за период од шест месеци со полно работно време од кои 14.000 денари за невработеното лице и 5.000 денари ги задржува работодавецот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес.

Работодавецот има обврска да го задржи на работа субвенционираниот работник во следните 12 месеци и да не го намали бројот на вработените на неопределено време.

Со оваа мерка предвидено е да се опфатат 142 млади невработени лица активни баратели на работа, за што се издвоени 19.000.000 денари.

Тој ги повика сите невработени активни баратели на работа коишто ги исполнуваат условите да се пријават за мерката бидејќи таа ќе биде од нивна корист. Огласот за оваа мерка е отворен од сега па во текот на целата година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top