| четврток, 6 декември 2018 |

„Гентерм“ ќе ги потпише договорите за инвестицијата во Македонија

gen

Премиерот Никола Груевски денеска ќе се сретне со директорот на американската компанија „Гентерм“ за Европа, Јорг Еверс.

Како што соопшти владината прес-служба, по средбата ќе бидат потпишани договорите за реализација на инвестицијата во технолошко-индустриската развојна зона Прилеп што „Гентерм“ ја најави во декември мината година.

Според проекциите, компанијата идниот месец треба да почне со изградба на производствен капацитет на површина од 6.400  квадратни метри. Фабриката, во која ќе се произведуваат греачи за седишта, греачи и системи за ладење за волани, би стартувала со работа во четвртиот квартал годинава. Во првите три години се предвидени илјада вработувања.

Глобалната американска компанија „Гентерм“ има производствени капацитети на неколку континенти, но главното производство е во Украина, од каде што ќе се  диверзифицира производството во Македонија.

Првичните контакти со „Гентерм“ се направени пред четири години, но тогаш компанијата немала конкретни планови за инвестиции. Повторно е воспоставена комуникација пред шест месеци кога Македонија веќе била влезена во анализите на фирмата.

На денешната средба во Владата, покрај премиерот Груевски, ќе присуствуваат и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, како и Алек Никовски, советник за странски инвестиции во кабинетот на премиерот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top