| четврток, 6 декември 2018 |

Секој дванаесетти Чех зависен од алкохол

алкохол

Трендот на зголемување на бројот на зависници од алкохол во Чешка сѐ уште е присутен и, според статистичките податоци, оваа бројка изнесува околу 700.000, јави дописникот на МИА од Прага.

Проблемот кој го има секој дванаесетти Чех, а дел од нив се и деца, ја принуди Владата да предлага мерки за повеќе ограничувања на достапноста до алкохолните пијалаци.

Најавена е видеокампања, со која учениците уште во седмо одделение ќе се запознаат со последиците кои ги остава алкохолот врз мозокот.

Според експертите, децата почнуваат и порано со пиење алкохол, уште од 11-годишна возраст, а податоците говорат дека секој втор 13-годишник се опијанил барем еднаш.

На почетокот на минатата година беше отворена првата амбуланта специјализирана за деца-зависници и нивниот број уште веднаш покажа дека проблемот е алармантен.

Според лекарите, алкохолизмот е неизлечива болест и може да се лечи само со доживотна апстиненција, што, според практиката, му се случува само на еден од десет алкохоличари.

Во Чешка, секоја година од предозирање со алкохол умираат 300 до 350 лица. Во најголем број случаи се работи за илегално набавен алкохол, кој содржи смртоносна доза метанол.

Во просек, еден Чех годишно испива 8,6 литри чист алкохол, што одговара на едно пиво дневно.

Од пиење алкохол се воздржуваат само 2,5 проценти од возрасните чешки граѓани.

– Кога ќе го погледнеме бројот на смртни случаи од предозирање од обичен алкохол, тоа е десетпати повеќе отколку од илегалните дроги. Тоа важи и за сообраќајните несреќи предизвикани под влијание на алкохол – вели координаторот на Одделението за борба против дрогата, Јиндрих Воборжил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top