Кабинетот на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев до Македонија испратил работна верзија на договорот за добрососедски односи меѓу Бугарија и Македонија, јавува бугарската агенција „Фокус“.
Тихомир Стојчев, секретар во кабинетот на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, се надева дека активностите ќе се одвиваат брзо.
– Бугарскиот претседател многу пати и јасно го соопшти својот став за Македонија. Недвосмислено јасно е дека има потреба да се применат критериумите за добрососедски односи во рамките на процената на напредокот на Македонија кон европските интеграции. Во декември 2012 во Брисел на Европскиот совет членките на ЕУ се согласија за важноста на добрососедските односи како предуслов за членство. Тоа не е позиција само на Бугарија, туку е и позицијата на ЕУ. Од сега членките ќе го набљудуваат напредокот по ова прашање. Се надеваме дека работите брзо ќе напреднат. Тоа е во интерес на двете земји – рече Стојчев.
За дијалогот на двете земји денес во Собранието зборуваше министерот за надворешни работи.
– Имаше една средба на работната група, која е создадена од министерствата за надворешни работи на Република Бугарија и на Република Македонија, а следната средба треба наскоро да се случи. Тема на дискусијата е можноста за зголемување на меѓусебната соработка во секој од тие домени на билатерална соработка, кој бил предложен од наша страна. Во минатото имаше позитивни сигнали, така што дискусии од ваков тип за нас се добредојдени. Не сакам да прејудицирам ништо и мислам дека треба да видиме каков ќе биде резултатот од оваа работна група меѓу двете министерства за надворешни работи и тогаш да добиеме заклучоци – рече министерот Никола Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.