Во денешниот свет на модерни безбедносни ризици, феноменот на радикализација е сè поприсутен во секое општество во кое делови од младата популација ги прифаќа екстремните позиции и идеи, го менува своето однесување, од политички активизам преминува во употреба на насилни средства и методи.
Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето вчерашно обраќање во рамки на четвртата сесија од Самитот посветен на насилниот екстремизам што се одржува во Вашингтон во организација на американскиот Стејт департмент, а на кој учествуваат претставници од шеесетина земји од светот.
– Паралелно со опасноста од повреда на општествената кохезија, продлабочување на поларизацијата по етничка-религиозна линија и појава на меѓу-религиски, односно меѓукултурни тензии – главна закана, но и врвен безбедносен приоритет за сите земји станува можноста од терористичко делување – посочи Јанкулоска.
Нагласи дека Македонија, соочувајќи се со новите предизвици, постојано ги надградува своите нормативни и институционални капацитети, создавајќи сопствена безбедносна стратегија, усогласена со домашните потреби, но и со напорите на меѓународната заедница за заедничка борба против тероризмот.
– Во оваа насока, работењето на полицијата во заедница како релативно нов концепт на работа претставува ефективна алатка во борбата против тероризмот. Но тој е различен, во различни земји. Да се користи работењето на полицијата во заедница за спречување на тероризмот значи да се адаптира на политичкиот, општествениот и географскиот контекст каде што специфичниот пристап треба да се спроведе. Нивото на кое што community policing може да придонесе во бората против тероризмот зависи од нивото на доверба и соработка кое веќе постои меѓу полицијата и јавноста – нагласи во своето излагање министерката Јанкулоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.