Денес изборот на контактни леќи е богат и разновиден, но е неопходна консултација со стручно лице. За различните видови леќи, возраста од кога може да се носат, за леќите во боја и што треба да знае пациентот што користи вакви очни помагала, разговаравме со Лилјана Ивановска – Поп Николовска, контактолог (офтометрист)
Во кои случаи им се препорачуваат контактни леќи на пациентите?
ИВАНОВСКА-ПОП НИКОЛОВСКА:Контактните леќи како решение на кратковидост,далековидост или астигматизам се препорачуваат во неколку случаи. Ги препорачуваме кога разликамеѓу диоптријата на двете очи е поголема од 2,00, кога едното око има мала диоптрија или нема воопшто, а другото има астигматизам поголем од 2,00 Дт; кај деца во растење со таканаречена школскамиопија се препорачуваат полутврди контактнилеќи со цел стагнирање на порастот на кратковидоста, кај пациенти со кератоконус или ирегуларен астигматизам кај кои очилата не можат да дадат задоволувачки вид, кај тинејџери што не сакаат да носат очила од естетски причини и кај кои, доколку не носат ниту контактни леќи, може да се очекува поголем пораст на диоптријата и пораст или појава на астигмати зам.
Какви видови леќи постојат и дали некои од нив се специјализирани за одредена состојба или диоптрија на окото?
ИВАНОВСКА-ПОП НИКОЛОВСКА: Контактните леќи може да се поделат во две поголеми групи: тврди и меки контактни леќи. Понатаму, тврдите се делат на тврди (речиси не се употребуваат) и на полутврди или гас-пропустливи леќи.
Меките леќи, од друга страна, пак, се делат на сферични и на торични според диоптријата што ја коригираат (првите за обична диоптрија, а вторите за астигматизам), но се делат и на годишни, квартални, месечни и дневни според рокот на употреба. Исто така,може поделбата да се направи и според материјалот од кој се изработени и тогашпостојат стандардни меки леќи, со поголем процент на вода, и силикон-хидрогелни леќи, кои содржат помало количество вода, но во својот материјал содржат силикон, кој е многу попропустлив за кислород и преку кој окото повеќе дише и предизвикуваат помалку иритации, алергии и црвенила. Впрочем,токму силикон-хидрогелните леќи се тие со кои пациентот може и да спие, но само во консултација со својот контактолог.
Што се однесува до конкретната примена на различните видови леќи, полутврдите се тие што се користат за запирање на порастотдиоптријата, тие најчесто се користат за корекција на видот во случај на кератоконус,како и кај пациенти со висок астигматизам, кој меката леќа не може да го коригира.
За разлика од полутврдите, меките силикон-хидрогелни се препорачуваат кај сите пациенти, но посебно кај тие со специфично работно време,како на пример доктори на дежурство, кои треба и да преспијат со леќите, а мора веднаш да реагираат кога ќе се разбудат, или работа на подолги смени од, на пример, 12 часа.
Дали денес е мода да се носат контактни леќи, посебно тие во боја, со кои може да се промени бојата на окото или тој тренд постоел отсекогаш?
ИВАНОВСКА-ПОП НИКОЛОВСКА: Леќите во боја се користат повеќе од 20 години, но повеќе во последните десетина години. Сигурно дека трендот на менување боја на окото денес се гледа почесто од порано и кога е во прашање обична диоптрија речисинема причина зошто клиентот да не носи леќи во боја доколку сака. Најчесто леќите во боја се користат само за естетика,односно промена на бојата, само во некои случаи се користат за подобрување на видот, кој не може да се постигне со безбојни леќи (на пример,албинизам, повреда на едното око и/или колобом на ирисот).
Што треба да знае пациентот што користи контактни леќи?
ИВАНОВСКА-ПОП НИКОЛОВСКА: Има неколку основниработи што мора да ги знаесекој корисник на контактни леќи. Рокот на траењесе смета од отворање на леќата и не смее да се пречекорува премногу затоа што може да се јават компликации од кои најчести се алергиски реакции и ерозии на рожницата. Секогаш кога се ракува со леќите, да се мијат рацете со сапун, а течноста во која се чуваат задолжително да се менува секоја вечер. Ако постои некоја непријатност или црвенило,никако да не се ставаат леќите и пациентот да појде на преглед. Да не се спие со леќите,освен ако пациентот не се договорил поинаку со својот контактолог.
Дали постојаното носење леќи може да предизвика компликации на очите?
ИВАНОВСКА-ПОП НИКОЛОВСКА: Една од најчестите грешки што ја прават пациентите е тоа што кога ќе почнат да носат контактни леќи,носат само леќи и сосема ги отстрануваат очилата од употреба. Краткорочно, една или две години пациентот може да има некои помали проблеми, но долгорочно, по, да речеме, 10 години,компликациите можат да бидат посериозни и може да се доведе пациентот до состојба да не може и да не смее веќе да стави леќа во око, и тоа подолг период. Некогашможе тоа да биде и засекогашда не може да поднесе леќи. Имено, само ако се вадат леќите преку ден,барем по три-четири часа, окото има можност да „дише“ и да се регенерира епителот, а кога постојано го „задушуваме“ со леќа,колку и да е таа квалитетна, за окото не е исто дали е со или без леќа па проблемите се скоро неминовни. Често се гледа еден вид на презаситеност на очите од леќи, црвенило, повреди на епителот, кои можат да бидат само површински, но некогаш и подлабоки и да доведат до појава на чир на окото (улцус). За тоа да се избегне, доволно е да се одмораат очите повремено од леќи и да не се ставаат доколку пациентот почувствува каква било непријатност или гребење во окото.
Од која возраст може да се носат контактни леќи?
ИВАНОВСКА – ПОП НИКОЛОВСКА: Постојат неколку вродени проблеми или, пак, болести на очите кај бебињата, кои не можат да се решат со очила. Значи,контактни леќи ставаме и кај бебиња,доколку е тоа неопходно. Ако има слабовидост на едното око поради разлика на диоптријата, кај деца помали од шест-седумгодини, ги учиме родителите да им ги ставаат и вадат, а веќе од осум до девет годинидецата веќе можат и сами да ракуваат со леќите, секако ова е многу индивидуално и може да се менувадрастично од едно до друго дете. Во практика, најчеста возраст на која почнуваат да се носат контактни леќи се тинејџерските години од 13 до 16 години. Секако и возрасните можат да почнат со носење леќи иако претходно никогаш не носеле, доколку имаат желба или потреба од истите.
Дали редовната употреба на леќи може да го намали или, пак, да доведедо стагнација на диоптријата кај пациентите со висока миопија или хиперметропија?
ИВАНОВСКА – ПОП НИКОЛОВСКА: Употребата на полутврдите леќи се покажува како многуефикасно средство за постигнување на оваа цел, со тоа што најчесто миопијата успеваме да ја контролираме да не напредува многу рапидно, но не и да ја намалиме. И тоа некогаш се случува, но поретко. Меката леќа, пак, нема медицинска индикација за стагнирање на диоптријата, но индиректно и таа влијае позитивно бидејќи во тој период од животот,кога децата најмногу растат,тогаш и не сакаат да ги носат очилата (се срамат да излегуваат надвор и да одат на училиште),додека, пак,леќите ги носат за надвор без проблем и така очите ја имаат соодветната диоптрија постојано и во тој случај таа е постабилна. Диоптријата не треба да е пресилна, но најчеста грешка е што се оставаат децата и со преслаба диоптрија, и тогаш таа повеќе расте и може да се појави астигматизам, кој до тогаш не постоел. Што се однесува до хиперметропијата, пак, ефектот на леќата не е толку маркантен како кај миопијата.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.