Музичко-сценската приказна „Инсомнија“ на македонскиот композитор Никола Коџобашија, на 15 и на 16 март гостуваше во Данска и во Италија. Режијата на ова дело ја потпишува данскиот театарски доајен Таге Ларсен од „Один театрет“ од Холстебро.
– Гостувавме и во реномираниот театар „Аркола“ во северен Лондон. По успехот проследен со овации и распродадените билети, добивме понуда од страна на уметничкиот директор, оваа наша претстава наскоро да се врати на редовниот репертоар на „Аркола“, и тоа под патронат на примадоната на светскиот театар Кетрин Хантер, позната уште како музата на Питер Хол. Ова е исклучителна чест имајќи предвид дека се работи за сцена со долга и квалитетна историја и за инцијатива на артистка од врвен калибар – вели Коџобашија
Со Кетрин Хантер, Коџобашија соработувал како композитор-изведувач неколку пати во изминатите години. Со „Птици“ на Аристофан во Националниот тетар во Лондон 2001 година и со „Мајмунот на Кафка“ во продукција на „Young Vic“ од Лондон, која по Франција, Австралија, Грција, Турција, Jапонија и Таипеј, од 2 до 17 април премиерно ќе гостува во светски познатиот уметнички центар „Баришњиков“ во Њујорк, САД.
Претставата изведена во Лондон била посветена на одбележување на 20 години на дипломатски односи и соработка помеѓу Обединетото Кралство и Република Македонија.
Коџобашија во Македонија ќе настапи со членовите на ансамблот „Пенлопе Х“ (Бранислав Николов/Фолтин, Пеце Атанасовски/Брада, Гоце Јовановски, Гоце Стевковски и Џијан Емин) на концертот најавен за 31 март во МОБ, кој е дел од програмата на годинашните „Денови на македонската музика“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.