Кина ја надмина Велика Британија како петти најголем извозник на оружје во светот, соопшти Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Кинескиот извоз на оружје е зголемен за 162 проценти во периодот од 2008 до 2012 година, се истакнува во извештајот на СИПРИ. Уделот на Кина во светскиот извоз на оружје е зголемен од 2 на 5 проценти, со што Кина се качи од осмо на петто место на листата на најголеми извозници на оружје во светот.
Најголем купувач на кинеското оружје е Пакистан, чиј удел во кинескиот извоз е 55 проценти. Следуваат Мјанмар со 8 проценти и Бангладеш со 7 проценти. Пекинг продал и три фрегати на Алжир, осум транспортни авиони на Венецуела и 54 тенкови на Мароко.
Најголем извозник на оружје во светот остануваат САД со 30 проценти од вкупниот извоз во периодот 2008-2012 година. Русија е втора со 26 проценти, Германија е трета со 7 проценти, Франција четврта со 6 проценти, се наведува во извештајот на СИПРИ. Со искачувањето на Кина на петто место, Велика Британија падна на шестата позиција и испадна од петте најголеми извозници на оружје за првпат од 1950 година, од кога СИПРИ почнува со собирање податоци за ова прашање.
Азија е регион од светот, каде што најмногу се увезува оружје. Петте најголеми земји-увознички на оружје во периодот 2008-2012 година се Индија со 12 проценти, Кина со 6 проценти, Пакистан со 5 проценти, Јужна Кореја со 5 проценти и Сингапур со 4 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.