| четврток, 6 декември 2018 |

Градежниците застанаа на нозе, Австрија, Албанија и Косово им се нови пазари

градење2

 

Македонската градежна оператива во текот на 2014 година договорила градежни работи во странство во вкупна вредност од 6,364 милијарди денари што е за 27,7 отсто повеќе во споредба со претходната година.

Оперативата лани во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 994 милиони денари што, пак, е за 48 отсто помалку во споредба со 2013 година.

Зголемен обем на извршените градежни работи има во Италија, Хрватска, Швајцарија и Србија, додека на другите пазари е регистриран намален обем.

Како нови пазари се јавуваат Косово, Австрија, Албанија и Црна Гора.

Инаку економската состојба во градежништвото во четвртото тримесечје од 2014 година е поповолна во однос на претходното тримесечје и во однос на четвртото тримесечје од 2013 година, сметаат раководителите на деловните субјекти од овој сектор.

Според Државниот завод за статистика, финансиската состојба на градежните компании е на исто ниво како во претпоследното тримесечје од 2014 година, а подобра во споредба со четвртото тримесечје од претходната година.

Во четвртото тримесечје од 2014 година, очекувањата за бројот на вработените во наредниот период се на еднакво ниво како и во претходното тримесечје, оценката за тековната состојба со порачки (договори) е понеповолна, очекувањата за вкупните порачки (договори) во наредните три месеци се дека ќе се зголемат, а бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата се над нормалата.

Во наредниот период се очекува да се намалат продажните цени.

Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат немањето побарувачка (21,8 отсто), неповолните временски услови (15,5), конкуренцијата во сопствениот сектор (12,2) и зголемените трошоци за материјали (11 проценти).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top