| четврток, 6 декември 2018 |

Штрајкот прекинат, нормализиран железничкиот сообраќај

воз

Патничкиот и товарниот железнички превоз во Македонија од изутринава е нормализиран откако синдикатите на машиновозачите го прекинаа штрајкот по средбата што ја имаа ноќеска со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и новото раководство во „МЖ Транспорт“ а.д. Скопје.

Возовите, според службата за информации од Железничката станица во Скопје, сообраќаат според утврдениот возен ред.

Од Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија и Министерството за транспорт и врски информираат дека в понеделник ќе почнат преговори за исполнување на барањата на машиновозачите, поради кои од завчера беше прекинат товарниот, а од вчера напладне редуциран патничкиот сообраќај.

–  Постигнавме договор колективниот договор да биде потпишан  во рок од две недели до еден месец, за што ќе преговараме со министрите за транспорт и за труд и социјална политика, Миле Јанакиески и Диме Спасов – изјави за МИА Латко Јовановски, претседател на Независниот синдкат на машиновозачите на Македонија.

Според Јовановски, ќе се преговара и за барањето за промена на пресметката на бенифицираниот стаж.

– Бараме да се врати поранешната пресметка со која на секоја година имавме 4 месеци бефинициран стаж, односно на секои три години по една година, а не како сега една година на четири години – рече Јовановски.

Со ресорното Министерство и  новото раководство што е именувано во „МЖ Транспорт“ од вчера, според Јовановски, е постигнат договор и за барањето за исплата на платата еднократно, а не двапати месечно, а ќе се преговара и за останатите синдикални барања.

Во Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСПМ), Независен синдикат на машиновозачите на Македонија (НСММ) и Синдикат на машиновозачите на Македонија (СММ), кои завчера донесоа одлука за бојкот на работата, членуваат 150 машиновозачи. Во „МЖ Транспорт“ има вкупно 1.200 вработени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top